Вработените по Рамковен ќе се распределат низ целиот јавен сектор


Вработените според Рамковен договор кои не се распоредени на работни места, ќе добијат понуда да одат на работа не само во јавната администрација како досега, туку во целиот јавен сектор, што подразбира дека може да бидат ангажирани во училишта, градинки, здравствени установи, јавни претпријатија…Тоа се овозможи откако беа променети четири закони што ја покриваат проблематиката со вработување, и со амандманска интервенција во Законот за јавна администрација.

Како што изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на 1.600 вработени по Рамковен договор ќе им биде понудено работно место што не значи дека тие мора да го прифатат. Доколку не го прифатат ќе бидат на трансфер листа од каде повторно ќе може да бидат распоредени за потребите на друга институција доколку тоа биде прифатливо за нив.

Посочувајќи дека се знае профилот на кадрите, Манчевски наведе дека првин ќе се распоредат оние кои ги исполнуваат условите за раководни места, по што ќе оди распределбата на други позиции. Тоа се однесува не само за 1.600 вработени по Рамковен договор, туку генерално за сите административци.

– Генерално правиме операција на барање кадри внатре во администрацијата, за реорганизација, коишто ги исполнуваат условите за заземање на некоја од раководните позиции, веднаш тоа да биде направено, изјави Манчевски одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференцијата за жените во дигиталната ера.

Манчевски прецизираше дека распределбата во администрацијата ќе се одвива во наредните недели, дека не се знае точно колку ќе трае оти тоа нема да биде на неодредено време.

– Некаде нема да биде прифатливо тоа што им се нуди и тогаш се применуваат законските одредби со кои овие луѓе се ставаат на трансфер листа, не значи дека се отпуштаат од работа, туку се ставаат на располагање за други институции. Ќе се добиваат понуди како што добиваат понуди и останатите на трансфер листата во јавната администрација, појасни Манчевски.