Вработените во Фиат ќе штрајкуваат поради исплатата за трансферот на Роналдо
Вработените во фабриката на Фиат во јужна Италија најавија штрајк поради трансферот на Кристијано Роналдо во Јувентус, за кој треба да се исплатат 105 милиони евра. Најавено е дека штрајкот ќе се одржи следната недела, меѓу 15 и 17 јули, со целосна поддршка на синдикатите.
– Неприфатливо е работниците економски да се жртвуваат, а компанијата да троши стотици милиони евра за купување фудбалери, се наведува во соопштение на синдикатите.
Тие додаваат дека работниците долги години се изложени на редуцирање на трошоците и дека платите не им се сменети повеќе од една деценија.
– Дали е нормално една личност да заработува милиони, а илјадници семејства да не можат да преживеат до средината на месецот?, прашуваат синдикалците во соопштението.