Во јануари во Гостивар не е издадена ниту една градежна дозвола


Во Гостивар во првиот месец од годинава не е издадено ниту едно одобрение за градба, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Според нив, ланскиот јануари, Општината издала 37 дозволи за градба.

Значително намалување е забележано и на државно ниво. Македонските општини во јануари издале одобренија за градење на 233 станови, со вкупна корисна површина од 24.943 метри квадратни. Споредено со јануари 2017 година, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 53,7%, додека нивната површина опаднала за 47,4%.

Физичките лица започнале постапка за изведба на 168 станови со површина од 18.402 метри квадратни, додека деловните субјекти ќе ги градат останатите живеалишта.

Врз основа на издадените градежни дозволи, може да се увиди дека најголем интерес постои за изградба на двособни (68) и трисобни станови (52). На ниво на целата земја, скопскиот регион предничи со одобрени 75 станови што допрва ќе се градат. Скопската општина Кисела Вода во јануари 2018 година издала најмногу одобренија за градење, па така на нејзина територија ќе се подигнат вкупно 47 станови.