Во Тетово е откриена најголемата лабораторија за синтетичка дрога на Балканот (ВИДЕО)


Шест лица досега се уапсени во акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на Министерството за внатрешни работи, во која е откриена најголемата лабораторија за нелегално производство на синтетички дроги на Балканот, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Уапсените се државјани на Македонија и на Србија. Крајната дестинација каде одела дрогата била Турција.

Полициски екипи по наредба на Обвинителството вчера извршиле претреси на две локации во Тетово и на пет во Скопје и било запленето големо количество синтетичка дрога, чија вредност надминува 2,5 милиони евра.

– Откриени се досега најголеми количества синтетичка дрога на Балканот. Доколку првичните проценки излезат точни, веројатно ќе биде една од поголемите заплени на синтетички дроги во меѓународни рамки. Во лабораторијата откриена во куќа во Тетово, според привичните сознанија, откриени се повеќе од 125 килограми синтетичка дрога или според некои првични процени, станува збор за минимум 500.000 таблети синтетичка дрога, чијашто вредност надминува 2,5 милиони евра – рече Спасовски.

Станува збор за меѓуародна истрага во која покрај македонското МВР и Обвинителството, вклучени биле и Јавното обвинителство за организиран криминал и Министерството за внатрешни работи на Србија, како и американската Агенција за борба против наркотици – ДЕА.