Во Струга изложба за надминување на предрасудите кон самохраните мајки


Дваесет фотографии во различни ситуации од секојдневието на Дороти Пачкова денеска беа презентирани пред струшката јавност на нејзината изложба „Уште што друго сум освен што сум канцер во општеството?“.

Изложбата е поставена во галеријата „Вангел Коџоман“, а посетителите имаат можност да се сретнат со авторката Пачкова да поразговараат со неа со цел надминување на предрасудите за самохраните мајки. На фотографиите е претставена во сите улоги како мајка, директорка, претседател на невладина организација, активистка…, а на дел од фотографиите е и со детето.

Идејата за реализација на вакв проект, според неа, произлегла пред околу две години кога на социјалните мрежи се направија бранувањата за самохраните родители, посебно за самохрани мајки.

– Голем дел од тие што коментираа велеа дека ние сме неподобни за да бидеме дел од ова општество и со конректни зборови не нарекуваа канцер на општеството. Ако така размислуваме во овој систем сите можеме да бидеме нефункционални единки, бидејќи самиот систем многу тешко функционира. Основното начело на феминизмот, а јас како родов експерт се доживувам себеси како феминистка зборува дека може да го водиме единствено од сопствена позиција, вели Пачкова за МИА.

Преку изложбата која ќе патува во неколку градови низ државата очекува, како што рече, да ја растајни идејата дека сме општествено штетнички.