Во Пустец почнува 11.Македонско културно лето
Со концерт на Влатко Лозановски и Димитар Андоновски и гостување на Театарот за деца и младинци со претставата „Црвенкапа“, вечер во Преспа во општина Пустец, Албанија, ќе биде отворено 11. Македонско културно лето, организирано од Здружението на Македонците со потекло од Албанија „Сонце“ од Скопје.
На фестивалот утре и задутре ќе гостува театарот „Антон Панов“ од Струмица со претставите „Таа“ и „Каминот“. В петок ќе биде изведена „Пасивно пушење“ на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци, в сабота ќе има Македонска игранка, а в недела, 30 јули, фестивалот ќе заврши со претставата „Вдовицата се мажи“ на театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес.
Директор на фестивалот е Едмонд Сотир, а главен покровител и партнер на Македонско културно лето 2018 е Обединетата македонска дијаспора.
Здружението „Сонце“ соопшти дека покрај поддршката од Министерството за култура на Република Македонија, Град Скопје и од спонзори, фестивалот годинава првпат е поддржан и од Министерството за култура на Албанија.