Во моментов нема опасност од „мајмунски сипаници“, утврдени мерки и препораки


Во Македонија во моментов нема опасност од појава на вирусот „мајмунски сипаници“, а состојбата и во земјава и во регинот и државите од западна Европа се следи во континуитет.

Ова го соопштуваат од Комисијата за заразни болести, во рамки на Министерството за здравство која денеска одржа редовна работна средба, на која присуствуваа и претставници од Агенција за храна и ветеринарство, а на која е разгледана состојбата со „мајмунски сипаници“ во Велика Британија.

Со цел информирање на здравствените работници и населението Комисијата препорача неколку мерки.

Меѓу нив го задолжува Институтот за јавно здравје да подготви едукативно-информативен материјал – флаери за „мајмунски сипаници“ со информации за болеста, начинот на пренесување, мерките за превенција и постапување, со цел информирање на населението и здравствените работници.

Едукативно–информативниот материјал ќе биде поставен на веб страната на ИЈЗ, МЗ и Центрите за јавно здравје, а ќе биде доставен и до Здружението на матични лекари.

Флаерите ќе бидат дистрибуирани и до патниците, кои доаѓаат од земјите во кои е регистрирана болеста.

Исто така, се препорачува Институтот за јавно здравје да оствари контакт со референтни лаборатории во европските земји со цел да се оствари соработка за можна конфирмација на случаите.

Агенција за храна и ветеринарство во рамките на своите надлежности се здолжува да ги засили мерките за контрола на внес на приемчиви видови животни од ризичните земји.

Меѓу мерките е и зајакнување на соработката меѓу ИЈЗ и АХВ, преку навремена  размена на информации меѓу иституциите и следење на епидемиолошката состојба  со мајмунските сипаници.