Во македонските банки има 5,6 милијарди евра заштеди


Банкарскиот сектор е стабилен, а граѓаните и компаниите повеќе штедат. Банките имаат 5,6 милијарди евра депозити, а само годинава вкупните заштеди пораснаа за 11 проценти. Од нив, околу 4 милијарди евра се заштеди на граѓаните.

„Депозитната маса е важна за стабилноста на финансискиот систем. Депозитите влијаат на придвижување на економијата. Зголемената ликвидност на банките придонесува за повисоко ниво на кредитирање. Тоа, пак, влијае на растот на приватната потрошувачка и инвестициската активност на фирмите, што на крајот резултира со динамизирање на економскиот раст“, рече министерот за финанси Драган Тевдовски.

Тевдовски ги повика банките да пласираат повеќе средства во проектите на компаниите.

Министерот Тевдовски и гувернерката Ангеловска-Бежоска со наградените банкарски шалтерски работници по повод Денот на штедењето

Просечно, во последните 10 години, вкупните заштеди растат со стапка од околу 8 отсто, што доведе до зголемување на штедењето на ниво од 55 проценти од БДП во 2017 година, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

„Особено позитивен е посилниот раст на депозитите во домашна валута и забрзувањето на растот на штедењето на долг рок, што го јакне капацитетот на банките за долгорочни пласмани и поддршка на инвестициски проекти. Но, и покрај позитивните трендови, видлива е потребата за натамошно зголемување на вкупното домашното штедење, што е впрочем заедничка карактеристика на земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа“, укажа гувернерката.