Во Клиничка болница-Битола прв пат извршена операција на проширени вени
Секторот за односи со јавност на Клиничка болница-Битола информира дека за прв пат во таа здравствена установа извршена е операција на проширени вени на пациент, женско лице родено 1975 година.
Операцијата ја извршија хирургот Мишел Андов од ЈЗУ Државна кардио хирургија-Скопје и Александар Гацовски, специјализант на васкуларна хирургија вработен во Клиничка болница-Битола.
-Соработката ќе продолжи и во иднина и ќе се интензивира бидејќи желба има и од страна на доктор Мишел Андов и специјализантот доктор Александар Гацовски, а се во функција на пациентите кои се соочуваат со овој здравствен проблем. Целата апаратура која е потребна за ваква операција Клиничка болница-Битола ја набави пред неколку месеци, а во процедура е и набавка на васкуларни инструменти за проширување на дејноста, информираат од битолскиот клинички центар.
Со реализацијата на првата операција на проширени вени во Клиничка болница-Битола, пациентите во иднина нема да патуваат на други места, а закажувањето на операции и прегледи отсега ќе се врши во хирушката амбуланта во присуство на двајцата лекари во овој град.