Во Канада уапсен еден од директорите на „Хуавеј“
Кина побара итно ослободување на високиот извршен директор на телекомуникацискиот гигант „Хуавеј“, чие апсење се заканува дека ќе се развие во голем дипломатски инцидент.
Пекинг ги повикува и Отава и Вашингтон да ги разјаснат причините за притворање на Менг Ванжоу, глобален главен финансиски директор на кинеската компанија, која беше уапсена во саботата во Ванкувер и се соочува со екстрадиција во САД. Канада го потврди притворот во средата вечерта.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Генг Шуанг, во четвртокот рече дека Пекинг ги повика САД и Канада да ги објаснат причините за притворот и веднаш да го ослободат задржаното лице.
Генг рече дека Кина ѝ дава конзуларна помош на Менг откако дозна за нејзиното апсење.
Менг е еден од потпретседателите на одборот на кинеската технолошка компанија и е ќерка на основачот на компанијата, Рен Женгфеи.
Нејзиното апсење, наводно, е поврзано со прекршувања на американските санкции. Судското сослушување е закажано за денес, соопшти канадското министерство за правда. Во соопштението, министерството потврди дека Менг била уапсена и се соочува со екстрадиција.
„Бидејќи постои забрана за објавување, не можеме да дадеме дополнителни детали во овој момент. Забраната беше побарана од г-ѓа Менг“, се вели во соопштението.
Оваа вест дојде откако Вашингтон и Пекинг започнаа тримесечни преговори со цел да деескалира нивната трговската војна.
Властите во САД го испитуваат „Хуавеи“ уште од 2016 година за наводно пренесување на производи од американско потекло во Иран и во други земји за кршење на законите за извоз и санкции на САД, изјавија извори за Ројтерс во април.
„Хуавеј“, еден од најголемите светски производители на опрема за телекомуникациска мрежа, во соопштението објави дека Менг е привремено задржана и се соочува со „неодредени обвинувања“ во источниот дистрикт на Њујорк. (Според агенциите)