Во Кавадарци уапсен газда на фирма што илегално продавал ракија


Во Кавадарци е уапсен управител на фирма што илегално продавал тони алкохол. Алкохолот бил пронајден при вчерашната акција на Основното јавно обвинителство Кавадарци во координација со Министерството за внатрешни работи. Најдени биле над 9000 шишиња алкохол спакувани во количина од по 0,7 литри или 1 литар, кои немаат маркица за акцизи.

„Акцијата продолжува и во винарската визба ‘Поварадарие‘, каде според првичните информации пронајдена е поголема количина на жолта лозова ракија, без етикети со бандероли, со назнаки за продажба преку фирмата ‘Вино Жупа‘ од Република Србија, која е сопственик на ‘Повардарие‘ од Неготино“, соопшти Јавното обвинителство на Македонија.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издал насоки и наредби за прибирање податоци и потребна документација во предметот. Се преземаат и други дејствија со цел утврдување на фактите.