(Во живо) Протест во Атина: „Македонија е грчка“


Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро-станици денеска на плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент ќе се одржи долго најавуваниот протест.

„Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видеоповикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од завчера започнаа со подготовките на Синтагма.

Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, процените се дека денеска на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани.

На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контрапротест, односно антифашистички собир. Официјалниот почеток е закажан за 12 часот, два часа порано од оној за „Македонија“.

Двата протеста, според медиумите, го вклучија алармот во грчката полиција. Постои страв, загриженост, но и зголемена раздвиженост кај полицијата за да се избегнат евентуални инциденти.