Во Баерн се молат Роналдо да нема свој ден


Офанзивниот фудбалер на Баерн, Хамес Родригез призна дека во клубот се надеваат дека Кристијано Роналдо ќе нема свој ден во натпреварите од полуфиналето на Лигата на шампионите. Германскиот гигант се соочува против Реал во битка за место во финалето на турнирот.
– Се разбира дека овие два натпревари се посебни за мене, бидејќи играв таму три сезони, бев среќен и имам многу убави спомени и пријатели во Мадрид. Но за време на натпреварите ќе се обидам да ги потиснам чувствата. Мислам само за мојот тим и како да се подготовам за натпреварите, изјави поранешниот играч на Реал Мадрид.
Колумбиецот смета дека тимот од Мадрид знае точно што треба за да се освои титулата, но дека баварците не треба да се плашат, бидејќи имаат позитивни резултати против „кралевите“ на историски план.
– Реал знае што треба за да се бориш секоја сезона за трофејот во Лигата на шампионите, за да пишуваш историја. Но, Баерн нема зошто да се плаши, бидејќи докажувал на историски план, дека може да се справи со Реал, смета Хамес.
Тој потоа ја истакна улогата на петкратниот освојувач на „Златната топка“, Кристијано Роналдо за екипата од „Бернабеу“ и се надева дека тој нема да биде на висина на задачата токму против германскиот тим во полуфиналната серија.
– Кристиjано е машина за голови и постојано го докажува тоа. Статистичките податоци покажуваат дека секогаш е тука, кога тимот има потреба од него. Се надевам дека против нас нема да има свој ден и дека ќе можеме да покажеме силна тимска игра. Реал, сепак, не е само Кристијано, бидејќи има силни играчи на секојa позиција. Во секој случај, нема да биде лесно, заврши Хамес.