„Во агонија“ од Крлежа на „Охридско лето“


Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ вечер, во предворјето на црквата „Света Софија“, ќе биде изведена театарската претстава „Во агонија“ од Мирослав Крлежа.

Улогата на Лаура Ленбахова ќе ја игра Нела Кочиш, Иван племенитиот Крижовец е Озрен Грабариќ, а Барон Ленбах го толкува Дарко Стазиќ. Сценографијата е на Петра Крилетиќ, додека изборот на костимите го направи Марита Ќопо.

Претставата а авторски проект на актерите од ПУК – патувачки театар и сцена Рибњак – Младински центар Рибњак од Хрватска.

Славната драма на Крлежа, дел од трилогијата за Глембаеви, е поставена како жесток судир на тројца луѓе, сензитивната и разочарана Лаура Ленбахова, нејзиниот интимен пријател, адвокатот Иван, и мажот и, пијаница и коцкар.

Претставата  „Во агонија“ е играна на сите сцени на Хрватска, а со тоа, според Кочиш, се уште поголеми предизвикот и одговорноста да се создаде нешто ново и поинакво.

– Експериментираме, истражуваме, настојувавме да создадеме претстава која нема да биде само убава интонација и совршено изговорени реченици на Крлежа без емотивно покритие. Нашата цел беше да создадеме возбудлива, жива, драматична претстава што ќе биде поинаква, но сепак ќе остане на Крлежа, вели Кочиш.