Водостоите покачени, УХМР апелира на внимателно движење покрај реките


Најновите податоци од хидролошките станици се уште покажуваат благи покачувања на нивоата на реките. Поради променливото време и честите промени на температурата, топењето на снегот продолжува со променлив интензитет. Затоа УХМР, како што соопшти, во горните текови очекува постепени намалувања и стагнација, а низводно по теченијата соодветни зголемувања.

– Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците. Треба со внимателност да се пристапува на местата каде нема насипи и каде речните брегови се ниски и без заштита. Ова се однесува на течението низводно од Скопје и Таорската Клисура, низводно од Велес и Демир Капија и гевгелиско-валандовскиот крај. На хидролошките станици Велес и Демир Капија веќе има одредени покачувања, велат од УХМР.

Во региони погодени со високи водостои се уште постојат локални излевања и поплавени површини, главно во делови од горните текови на Вардар, Треска и Црна. Има и високи водостои на Пчиња, Сатеска, Бабуна, како и низводно по текот на Вардар.