ВМРО-ДПМНЕ ја почна „генералката“ во својот двор


Антонио Милошоски и Илија Димовски остануваат во пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ, но ќе се држат настрана и ќе го остават координаторот Влатко Ѓорчев да ги диктира следните активности. Ниту едниот ниту другиот не планираат напуштање на партијата во која со години беа на раководни функции, а сега се маргинализирани. За нив нема место во новиот извршен комитет, избран во петокот на седница на централниот комитет, но претседателот Христијан Мицкоски остави отворена врата „еден ден повторно да бидат дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Сепак, нашите информации говорат дека поранешниот министер за надворешни работи и шефот на пратеничката група на до вчера владејачката партија воопшто не комуницираат со новиот лидер, така што шансите за идна поблиска соработка се речиси невозможни.

Најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе добие тројца потпретседатели е првото остварено ветување на Мицкоски. За свои заменици ги назначи Митко Јанчев, газда на „Кожувчанка“ и актуелен градоначалник на Кавадарци, потоа Владо Мисајловски, поранешен министер за транспорт и врски и неуспешен кандидат за Ѓорче Петров и Александар Николовски, несудениот амбасадор во Европската Унија. Покрај нив, во Извршниот комитет се најде место за пратениците Влатко Ѓорчев, Ане Лашкоска, Дафина Стојаноска и Даниела Рангелова, Иван Јорданов од штипскиот општински комитет, Кирил Пецаков од ОК Охрид и Орце Ѓорѓиевски од ОК Кисела Вода. За членови на ИК се избрани Владимир Нелоски, Игор Николов, Трајко Славевски, Драги Димитриевски, Силвана Ангелеска, Тони Михајловски, Димитар Димовски, Златко Перински, Коце Трајановски, Дејан Јовановски, Дејанчо Ефтимов, Цветан Трипуновски, Игор Божиновски, Костадин Богданов и Бајрам Требишки.

Во ИК немаше место и за други истакнати членови и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, како парламентарниот спикер Трајко Велјаноски, министерот за финансии Зоран Ставревски, Борис Змејковски, Марта Томовска… Не влезе ниту поранешниот претседател Никола Груевски, за кого се тврди дека му ја составил листата на Мицкоски.

Сите избрани членови се силно мотивирани индивидуи, луѓе кои голем дел од животот го поминале во партиските структури, искусни политичари. Убеден сум дека во периодот што следува ВМРО-ДПМНЕ ќе застане на здрави нозе и ќе можеме што е можно побргу да издејствуваме предвремени парламентарни избори. Промените во составот на извршниот комитет се сериозни, очекувам да придонесат сериозно во партијата. Централниот комитет ги усвои речиси едногласно, со еден глас ‘против’ од 115 присутни на ЦК. Ова е првична бројка од 26 члена на извршниот комитет и тој ќе се проширува. Оваа структура во следните две години ќе биде официјално тело во првична верзија, но во периодот што следува постои простор за зголемување на бројот на членови“, смета Мицкоски.

Можеби најголемо изненадување меѓу избраните е Костадин Богданов од реформаторското крило, кој важеше за голем противник на политиките на Никола Груевски. Во изјава за нашиот весник тој објаснува дека ја прифатиле подадената рака од новиот претседател.

Барањето за реформи и измени во статусот го објавивме лани во јули, а одговор не добивме од старото раководство. Затоа, пак, само што дојде на челната позиција, Мицкоски ни одговори дека ги поддржува нашите барања. Така дојде до соработката. Идејата е во следните месец и половина да го промениме статусот и тоа согласно со најголем дел од нашите барања: непосреден избор на пониските органи, зајакнување на општинските органи, формирање нови органи како противтежа на влијанието и моќта на претседателот на партијата, така што претседателот на централниот комитет ќе биде различен од оној на партијата“, вели Богданов за „Независен“.

Најдоцна до мај се очекува вклучување и на другите поддржувачи на реформското крило во телата на партијата. Реформаторите велат дека се свесни за влијанието на Груевски, па и дека најголем дел од членовите на ИК се поставени по негова препорака, но најпрво сакаат да ја опипаат атмосферата однатре, по што ќе ги влечат следните чекори.

Професорот Јове Кекеновски, кој е поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, прашува дали се можни реформи од екипа составена од „докажани и слепи беспоговорни извршители на претходниот лидер, од персони кои се контролирани по разни основи од најблиските роднини на поранешниот лидер, од личности за кои се водат предистражни или истражни постапки од страна на ОЈО и СЈО, од лица кои се амнестирани од страна на претседателот на државата (иако подоцна е повлечена амнестијата) и ги чекаат судски постапки, од лица кои се познати по тоа што соработувале со службите и кодошеле или се обидувале да наместат свои сопартијци, од лица кои глумеле дека се реформатори и за кои реформата било вовлекување во партиските органи и тела“?

Секоја чест на два-тројца истакнати личности, докажани во својата животна и професионална кариера, меѓутоа, неколку ластовички не ја чинат пролетта. Неучеството на неколкумина познати и препознатливи пратеници во извршното тело на партијата, ми дава за право да гарантирам дека допрва ќе следуваат сериозни партиски турбуленции“, заклучува Кекеновски.

Горан Адамовски