ВМРО-ДПМНЕ: Скандалозна одлуката на Апелациониот суд за продолжување на притворите


ВМРО-ДПМНЕ велат дека институциите уште еднаш паднаа на тестот за владеење на правото, бидејќи, судот одлучи да ги отфрли жалбите за ослободување од притвор лицата поврзани со насилството во Собранието.

„Институциите не покажаа минимум зрелост да работат за граѓаните, како што тоа им е наложено согласно закон и Устав. Уметниците, пратениците, полициските службеници и останатите притворени во врска со настаните од 27 април не се терористи! Тие не сториле никаков терористички акт, немале намера да се сокријат од правдата, ниту пак влијаеле или имале намера да влијаат врз истрагата. Оперските пејачи, глумците, режисерите, архитектите, докторите и останатите се жртви на политички прогон само заради тоа што имаа храброст гласно да го искажат своето несогласување со антидржавните политики на власта. Одлуката на Апелациониот суд за продолжување на притворите на лицата од настаните од 27 април е скандалозна и не се темели на факти и докази, туку на гола политичка конструкција. Прогонот на десетици невини луѓе за фабрикувано дело тероризам мора да запре. Тие се жртва на политичката инквизиција која и се случува на Република Македонија. Не се почитуваат нивните основни човекови права. Правосудните органи треба да знаат дека мерката притвор е мерка за обезбедување на присуство, а не мерка која треба да се користи за изживување врз политичките неистомисленици“, се вели во нивното соопштение.