ВМРО-ДПМНЕ обвини, РЕК вели законски-фирма блиска на Вице Заев добила 22-милионски тендер


Додека бизнисите на граѓаните тонат, фирмите на блиските до власта нижат милионски тендери, тврди ВМРО-ДПМНЕ во реакција до јавноста.
Според партијата, фирмата „СВ инвест“, која се поврзува со Вице Заев, брат на премиерот, добила 22-милионски тендер од РЕК „Битола“ во четири очи.
„Според документите кои ги објавија медиумите се гледа дека фирмата ‘СВ инвест’ на 15 октомври годинава склучила договор со АД ЕЛЕМ за ангажирање на рударска механизација за потребите на РЕК ‘Битола’ со договор во четири очи во износ од 22 милиони денари.
Од објавената документација се гледа дека ‘СВ инвест’ е фирма која нема сопствена механизација и опрема за извршување на работата, туку истата ја изнајмува од три различни компании. Потенцираме, фирмата нема ниту една единствена машина за вршење на дејноста, а АД ЕЛЕМ склучува договор во четири очи од истата во вредност од 22 милиони денари.
Кои биле квалификациите според кои оваа фирма добила тендер, а нема ниту една машина? Според кој метод АД ЕЛЕМ одлучил дека баш ‘СВ инвест’ е најдобра за извршување на дејноста, а како што гледаме истата земала телескопски чистач од една, автодигалка од друга компанија, а работници од трета компанија, што значи не е специфицирана за работа и за задачите кои што ги извршува? Дали ова е шемата по која се испумпуваат парите од буџетот преку државните претпријатија?“, прашува опозицијата додавајќи дека РЕК „Битола“ е произведувач на струја во државата, кој обезбедува и до 80 отсто од потребите на граѓаните.
РЕК Битола ги демантираше наводите на ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека постапката за избор на фирма за ангажирање рударска механизација е изведена согласно Законот за јавни набавки.
„Комисијата за јавни набавки во подружница РЕК ‘Битола’ при изборот на фирмата ‘СВ инвест’ за изведувач на работите се водеше исклучиво од законските прописи“, соопшти Комбинатот додавајќи дека во РЕК Битола се работи за планирано исклучување на Блок 3 поради превентивна проверка и отстранување на помали дефекти, како и за зајакнување на оперативноста на блокот. Во меѓувреме РЕК ‘Битола’ ќе го продолжи континуираното производството на електрична енергија преку Блок 1 и Блок 2, според планот и според потребите на тарифните потрошувачи и сите зафати на производствените капацитети се пресметани во планот за производство“, наведуваат од РЕК „Битола“.