ВМРО-ДПМНЕ бара Комисијата за деловнички прашања да пресече за амандманите


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, како прв говорник на денешното продолжение на 32 собраниска седница, побара да се состане  Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и таа да се произнесе околу тоа дали да има амандманска расправа за Законот за јазици во трето читање.

Димовски го проби неколкукратно дозволениот термин за обраќање, но спикерот Талат Џафери не успеа да го прекине во зборувањето, сѐ додека не му ги исклучи микрофонот.

Димовски, цитираше членови од собранискиот Деловник, како потврда на тезата дека мора да се разгледуваат опозициските амандмани и дека не смее да се прескокне амандманската расправа.

Собранието моменто е на пауза, откако пратениците изгалсаа неколку закони од дневниот ред на 32. седница, за кои расправата беше завршена претходно.  Прва од точките за кои не е отворена сѐ уште расправа е Законот за јазици во трето читање, за кој ВМРО-ДПМНЕ поднесе близу 36 илјади амандмани.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по подолго време ги зазема своите места во собраниската сала, во очекување да почне расправа за Законот за јазици. Пред зградата на Собранието, пак, се одржуваат протести против донесување на Законот за јазици.