Владо Јаневски, поп-ѕвезда: Во мојот живот сѐ беше музика


Поп-ѕвездата Владо Јаневски (57) е во топ-форма и не старее. Како и неговите песни кои со текот на годините прераснаа во евергрини. Зар има некој што не ги знае „Црно тиквешко“, „Чаирска романтика“ или пак не се пронашол во оние добропознати стихови „Некогаш и негде…“

И по 25 години кариера, не се чувствува како ѕвезда, не е многу дружељубив, не верува секому, љубовта го интересира само како емотивна категорија. Задоволен е од сопствениот изглед, доволна му е Македонија за самодокажување, сè уште сам си ги пишува песните, прескапо му е времето да го троши во водење евиденција на туѓи кариери. На крајот на денот го интересира колку публика му дошла на концерт и дали си отишла дома задоволна.

Еве, што уште, по години молк, откри за „Независен весник“.

Најновата песна „Главен град на тагата“ е посветена на Скопје или…?

– Кога ја пишував песната, не ми беше ни на крај на памет дека некому ќе му падне на ум таква помисла дека се пее за вистински град, па уште за Скопје!? Еве да дообјаснам ако баш морам: кога срцето се споредува со град, таа стилска фигура се вика метафора. Толку за тоа.

Вашите песни имаат силни текстови во кои се препознаваме. Дали се сите автобиографски?

– Некои се пишувани од мое искуство, а некои од туѓи раскажувања, најчесто на блиски луѓе или пријатели.

Важите за поп-пејач со најмногу хитови кај нас. Кој тим стои зад Вашите композиции?

– На отприлика 90% од песните сам ги пишувам текстот и музиката, а имам 5-6 обработки на туѓи песни што ми се допаднале, па сум посакал да ги отпеам со свој текст на македонски. Секако дека и денес ги пеам оние неколку незаборавни мелодии на Григор Копров од почетокот на кариерата со кои победувавме на фестивали. Аранжерите и продуцентите се битна алка во процесот и нив ги одбирам во зависност од типот на песната.

Негувате елегантен стил, во младоста бевте сосема поразличен. Дали го пронајдовте Вашиот стил?

– Во право сте, на почетокот на кариерата не се разбирав многу од мода, па за мојот тогашен стил на облекување нема да употребам еуфемизам како Вашиот („поразличен стил“) туку отворено ќе кажам дека беше полн со утки и понекогаш дури и комичен. Сега поднаучив нешто од таа област и задоволен сум од сопствениот изглед.

И во најновиот спот за песната „Главен град на тагата“ не се појавувате. Дали на овој начин продолжува мистеријата околу Вас или следите некакви светски трендови?

– Во изминативе 15-ина години немам желба да се појавувам во спотови и тоа е веќе бајата вест. Единствено беа исклучок неколку спота кога тогашните мои спонзори или дискографски куќи со кои бев под договор експлицитно го бараа тоа од мене.

Во последниве години ретко се појавувате во јавноста, годишно снимате по една песна, ретко давате интервјуа. Зошто го прекинавте медиумскиот молк?

– Едноставно немав ништо интересно да поделам со јавноста. А в година кога славам 25 години соло кариера, имам 3 сингла и спотови, славенички концерти низ Македонија и еден куп спонзорски активности. Нормално е дека имам што да соопштам и за што да разговараме.

Се подготвувате за концерт во Охрид, а потоа и во Скопје.

– Договорени се концерти во организација на моите долгогодишни соработници „Авалон“ и со поддршка на прилепска „Витаминка“ и казината „Астра“ и „Адмирал“. Охридскиот концерт е на 5 август во Античкиот театар во Охрид, а скопскиот негде наесен во ВИП арената „Борис Трајковски“, најверојатно во ноември кога ќе имам и нов сингл.

На што Ве научија овие 25 години кариера?

– Да ги сакам сите, дури и тие што мене не ме сакаат и да не верувам секому.

Кој е, всушност, Владо Јаневски? Што сакате, а што не сакате, каде Ви е најубаво, со кои луѓе се дружите?

– Со годините сите се менуваме. Така и јас некогаш бев крајно екстровертен и дружељубив, за разлика од денес кога сум многу позатворен и претпочитам да сум сам дома во моето мало изолирано царство. Немам многу блиски пријатели, но тие малкумина ми се лојални и искрени.

Што ја прави ѕвезда една ѕвезда? Талент, харизма, изглед, добра композиција…

– Не знам да одговорам на ова прашање бидејќи ниту се чувствувам како ѕвезда, ниту знам како се станува. Јас сум професионален музичар кој живее од своите песни и толку е описот на моето работно место.

Регионална кариера?

– Тоа е веќе дамнешно минато, пред десетина години ги прекинав сите активности во таа насока. Јас сум човек кој одамна нема веќе енергија за нови себедокажувања во нови земји, доволна ми е Македонија.

Вашиот љубовен живот е исто така мистерија. Ве правеа од голем љубовџија до г… Каква жена може да Ве привлече?

– Јас во овој живот завршив со жените, а допрва да почнувам со мажи ми е веќе предоцна. Можеби звучи дефетистички, ама така е. Љубовта ме интересира само како емотивна категорија која вреди да се истражува во песните, книгите, филмовите… но не и во мојот натамошен живот.

Како, всушност, почнавте со музиката?

– Како тинејџер ме заинтересираа тапани и ритамот, па во гимназија и на факултет свирев во некои гаражни скопски бендови. Но, еднаш штом фатив микрофон в рака и го слушнав сопствениот глас од звучниците, почувствував дека нема враќање и дека можам подобро да се изразам вокално одошто ритмички.

Како гледате на фактот што фолк-музиката повеќе ги полни салите од поп-музиката. Такво е времето, генерацијата или…

– Не следам баш кој од колегите каде пеел и колку наполнил. Прескапо ми е времетo за да го трошам во водење евиденција на туѓи кариери. На крајот на денот ме интересира колку публика дошла на мојот концерт и дали си отишле дома задоволни.

Имате ли нешто што не сте оствариле?

– Немам веќе желби како кога бев млад и добро е што е така. Зрелоста си носи свои убавини, па спокојството и мирниот живот се моите дневни примарни интереси.

Се живее ли од музика?

– Не знам за другите, ама мене музиката ми дала убав живот. Имам онолку колку што ми треба и неважно е дали тоа некој ќе го нарече малку или многу. Сега ми изгледа дека најбитно е на човека да му е удобно во сопствената кожа, тоа е големо богатство за кое треба да се биде благодарен.

Лејла Сабит