Владата наместо општините да управува со отпадот


Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпадот го поддржува предлогот Владата времено да го преземе од општините управувањето со отпадот и смета дека тоа ќе придонесе за побрзо решавање на проблемот со отпадот.

Според Асоцијацијата, сегашниот модел на управување со отпадот е добар, но она што недостасува е институционална поддршка во имплементацијата на законите и подобра соработка со општините и комуналните претпријатија.

– Имаме општините кадешто ќе поставиме контејнери и потоа јавните комунални претпријатија не ги сервисираат редовно. Наместо да ги празнат редовно, тие се претвараат во ѓубриште, посочи претседателот на Асоцијацијата Филип Ивановски на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Има и случаи, како што истакна, кога како колективни управувачи на отпад им нудат на општините контејнери за собирање на отпад, но општините не сакаат да ги земат и да ги одржуваат.

Од Асоцијацијата сметаат дека треба да се најде решение и за неформалните собирачи на отпад кои треба да станат легални собирачи во рамки на комуналните претпријатија.

Искуствата од европските земји за овој проблем ќе бидат презентирани на меѓународна конференција што Асоцијацијата ја организира на 13 овој месец.

Годишно се создаваат над 700 илјади тони различен отпад од кои над 100 илјади тони се отпад од пакување. Над 15 илјади тони е електронски и електричен отпад, над 70 тони се пуштаат на пазарот мали батерии и над три и пол илјади тони акумулатори.