Владата даде согласност за договорот за државната помош на „Чагатај кабло“


Владата на вчерашната седница донесе одлука за давање согласност на договорот за доделување на државна помош во облик на даночни олеснувања на турската компанија „Чагатај Кабло”, која во 2017 година започна со изградба на нивниот објект во ТИРЗ Скопје 1 (Бунарџик). По донесената одлука ќе се пристапи кон склучување на договорот во наредниот период.

Оваа одлука е во согласност со Законот за ТИРЗ и мерките од „Планот за економски раст“ кои беа промовирани од Владата на Република Македонија.

Максималниот износ на државна помош во однос на договорот е предвидена да биде во висина до 50 проценти од износот на инвестицијата и е во согласност со законските прописи на Република Македонија и со почитување на европската регулатива за транспарентност во доделувањето на државната помош.

– Договорот на Владата на Република Македонија со „Чагатај кабло“ ја покажува посветеноста и намерата на Владата за привлекување нови инвеститори, истиот е транспарентен и ваков тип на договори ќе се склучуваат и со домашни и со странски инвеститори, што е во насока на политиката на Владата за побрз и одржлив економски развој, велат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Турската компанија „Чагатај Кабло“, со која се склучува договорот за државна помош, до крајот на првата половина од 2018 година планира да започне со производство на кабли и електрични инсталации за автобуси и земјоделска механизација. Истовремено ќе биде добавувач на компанијата Ван Хол која веќе работи во зоната.

Станува збор за инвестиција во висина од 3,5 милиони евра која до 2020 година е предвидено да создаде најмалку 60 нови работни места.