Вкупно петмина од Антикорупциска досега поднесоа оставки


Оставка од Државната комисија за спречување на корупцијата попладнево поднесоа и членовите Сејди Халили и Фарие Алиу, потврдија за МИА од Антикорупциска.

Претходно, денеска оставка поднесе и Жаклина Дамчевска.

Вчера оставка поднесе и претседателот на ДКСК Игор Тантуровски, а претходно и членот на Комисијата и нејзин поранешен претседател Горан Миленков.

Од вкупно седумте членови на Комисијата, досега оставки поднесоа петмина.

Членовите на ДКСК се повлекоа од функцииите откако пред неколку дена беше објавен извештајот од внатрешната ревизија направена во Комисијата. Во него се наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари.

За извештајот на ревизорите за Антикорупциска, истрага отвори Јавното обвинителство, а парламентарното мнозинство ги повика членовите да си поднесат оставки или ќе биде иницирано нивно разрешување во Собранието.