(Видео) Со Бијонсе низ Лувр


Франција– Лувр, еден од најпознатите и најпосетувани музеи во светот, организира десетминутна тура посветена на пејачката Бијонсе и нејзиниот сопруг Џеј Зи кои тука го снимија спотот за синглот „Apeshit“.

Турите моментално се достапни само на француски јазик, а за време на тие 10 минути посетителите може да ги видат 17-те уметнички дела прикажани во видеоспотот.

Во нив спаѓаат портретот на Афроамериканката Мари Гиљемин Бенуе од 19. век, Крунисувањето на Наполеон (1806-07) на Жак-Луј Давид и „Сплав на медузите“ на Тодор Жерико (1818-19).

Водичот дава кратка историја на делата со што се разјаснува зошто баш тие биле избрани да бидат дел од видеоспотот на популарниот музички пар.

Додека ваквиот потег ги разбранува уметничките кругови со прашањето колку ваквата тура е во корист на уметноста, а колку во насока на непотребен популизам, Лувр размислува за воведување на тури на повеќе јазици ако има интерес за оригиналната.