(ВИДЕО) Светска премиера на концертниот филм на Ник Кејв во МКЦ


Најновиот филм на познатиот музичар и текстописец Ник Кејв ќе биде прикажан во кино Фросина во Младинскиот културен центар. Во рамките на светската кино премиера на филмот „Далечно небо“ (Distant Sky) можност да го погледнат имаат и Македонците на 12 април во 20 часот.

Филмот е во режија на Давид Бернард.

Фантастичното доживување со концертот снимен во „Royal arena“, Копенхаген, во октомври 2017, истовремено ќе биде прикажан во 500 кино сали низ светот.
По три години, бендот се појавува на сцената со неверојатен настап, од кој публиката е полудена, критичарите воодушевени, музичарите зинати.

Светските медиуми овој настан го опишаа како „Триумфален настап“, „ Неверојатен одговор на незамисливото“, „Неверојатно интимна врска со публиката“, заклучувајќи дека фановите ќе се „испостепаат“ за да го погледнат ова незаборавно издание на „Ник Кејв и бед сидс“.

Концертот во Копенхаген е дел од минатогодишната турнеја, почната во јануари во Австралија, преку САД, до Европа, на која бендот го претставува својот последен албум, „Skeleton tree“.

Се разбира, не ги забораваат омилените песни на публиката. Ѝ свират сѐ, ја носат до екстаза.