(ВИДЕО) МВР досега регистрира четири инциденти, сите сторители се приведени


Од отворањето на гласачките места, до сега регистрирани се четири инциденти, а сторителите се веднаш приведени во полициска станица, информираше портпаролот Тони Ангеловски на денешната прес-конференција.

-На гласачкото место во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје, К.Ж. (22) го нарушил јавниот ред и мир со тоа што навредувал граѓани и физички нападнал полициски службеници. К.Ж. е приведен во ПС Аеродром. Пријавен е и случај од страна на 80- годишен маж од Зубовце-Гостивар, кој пријавил дека бил навредуван во врска со референдумот од страна на 64-годишната С.М. . С.М. е повикана во полициска станица и се работи на расчистување на случајот- рече Ангеловски.

Во Струга од зграда во близина на избирачко место во ОУ “Браќа Миладиновци“ на ул.“Јован Стефаноски-Риле“, пријавено е фотографирање со мобилен телефон од тераса на која биле неколку лица.

-Веднаш се преземени мерки и лицата се однесени во ПС Струга и во координација со јавното обвинителство се работи на расчистување на случајот-рече Ангеловски.

На гласачкото место во ОУ Ванчо Прке во Штип Б.О. од Штип пријавил дека при достава на храна на избирачкиот одбор бил фотографиран и навредуван од лицето Е.С. од Штип. Е.С. е во полициска станица во Штип и се работи на расчистување на случајот.

-Ги повикуваме граѓаните да ги почитуваат законите и да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир и било какво нарушување на тајноста на гласањето. Било какво однесување спротивно на законите МВР нема да толерира и веднаш ќе постапи согласно законите, се со цел граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата граѓанска волја- рече Ангеловски.