(Видео) Владо Јаневски сними спот за „Главен град на тагата“: Дунавка е класа манекенка


Манекенката Дунавка Трифуновска ја игра главната женска улога во новиот спот на поп-ѕвездата Владо Јаневски за песната „Главен град на тагата“ денес промовирана во Скопје.

„Таа е класа лик и му дава убавина на спотот“, вели Владо. Тој додаде дека другите девојки во видеото се избрани според тоа што се обични, нормални, и токму поради тоа се убави.

Песната „Главен град на тагата“ е уште едно авторско дело на Владо Јаневски, со аранжман на Роберт Билбилов и во продукција на Дарко Димитров. Режијата на спотот е потпишана од Бане Поповиќ а продукцијата на видеото е на Томато. Спотот е сниман во текот на јуни во Скопје на познати градски локации преку кои се пренесува и летната атмосфера, љубовта и младешкиот дух со кои зрачи и песната.

„Главен град на тагата“ е третата песна на Владо Јаневски чиј спот е снимен со поддршката од Витаминка по спотовите за песните „Ајде води ме“ и „Последна заблуда“. Под закрила на бнрендот и Авалон, Владо ќе одржи голем концерт во Античкиот театар во Охрид на 2 Август.