(ВИДЕО) Велигден со стил: Ѕирнете во празнично уредениот дом на Софија Караќаева


Секоја година, пред голем верски празник или Нова година, луксузниот дом на Софија Караќаева, перманентен мејк-ап артист (јапонско тетовирање на веѓи) во центарот на Скопје дише со топлина и уникатен стил како од престижните магазини за врвни ентериери. Секое парче мебел, моден детал, или сервис за јадење раскажува посебна и романтична приказна која ретко ќе ја сретнете во некој скопски дом. Едноставно, ќе ве остават без здив.

Домот на Караќаева пред Велигден е во знакот на големиот празник со сите детали и предмети кои го одбележуваат.

-Украсувањето на домот пред секој празник кај нас е традиција која ја започна мајка ми и трае дваесет години. Така и пред Велигден е празничен амбиентот. Годинава преовладува синиот тон, иако на празничната маса ќе забележите дека деталите се во тиркизна-розова нијанса, вели Софија, која ексклузивно за Независен весник ги отвори вратите на својот дом.

 

Инспирацијата ја наоѓа околу себе, во тек е со светските трендови на домување, ама креативноста е водилката на врвно уредениот дом.

-Сите мислат дека ме инспирираат домовите на славните личности, но не е така. Едноставно, многу сум креативна во сите сфери на живеење па мојот вкус така се рефлектира и во амбиентот во кој живеам. Станиот ми е нов, и прв пат годинава Велигден го дочекувам со сиот раскош но и софистицираност, вели Караќаева.

Велигден го слави по сите адети, а најмногу со семејството, синот Димитар, мајка и, сестра и, и миленичето-померанцот Тоби. Вратите на нејзиниот дом се ширум отворени и за пријателите која секоја година се воодушевуваат од домот на креативната Караќаева.

Лејла Сабит