(ВИДЕО) Асад се појави на работа како ништо да не се случува


Сириското претседателство објави видео на кое се гледа како сирискиот претседател Башар ал Асад доаѓа на работа неколку часа по воздушните напади во Сирија, како да не се случува ништо.

Асад на снимката е облечен во костум со вратоврска и носи актовка додека влегува во зградата на претседателството. Додека трае снимката, Асад не изговара ништо.

САД, Велика Британија и Франција рано изутринава ги почнаа најавуваните ракетни напади врз повеќе цели во Сирија, како одговор на обвинувањата дека сириските владини сили минатата сабота извршиле напад со хемиско оружје во градот Дума.

Пентагон соопшти дека се нападнати цели во сирискиот главен град Дамаск и во реонот на Хомс.

Станува збор за лабораторија за научни истражувања во Дамаск, во која се претпоставува дека се произведувало хемиско и биолошко оружје, две складишта за хемиско оржје во реонот на Хомс, како и воен команден центар во близината на овој град.

Според сириската државна телевизија, при нападите се повредени три лица во Хомс.

Почетокот на нападите го најави американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање во три часот по средноевропско време, нагласувајќи дека „во тек е заедничка операција (на САД) со вооружените сили на Франција и Велика Британија“.