(Видео) Александар Поповски, режисер: Да престанат поделбите и да преовлада разумот!
Да престанат поделбите во земјава и да преовлада разумот, вели во интервју за Телма, режисерот Александар Поповски, по повод гостувањето на Скопско лето со претставата „ Ричард Трети“, во продукција на театарот Гавела од Загреб, која вечерва ќе се игра и во Битола, на фестивалот посветен на Шекспировото творештво.
Во интервјуто, Поповски ја најавува оставката на функцијата претседател на Управниот одбор на МНТ, со објаснување дека ништо не се сменило во театарот по доаѓањето на новата власт. А зборува и за мотивот, драмата „Ричард Трети“, за која музика напиша Марјан Нечак, да ја постави како политички трилер.
Што Ве мотивира драмата на Шекспир „Ричард Трети“, да ја поставите како политички трилер ?
– Хрватите ја преведоа како „Рикард Трети“. И беше многу интересна дискусија, зошто Рикард, а не Ричард. Политичарите или владетелите се подготвени на се, за да дојдат до власт и да останат на власт. Тоа не е нешто што е ново, не само за нашата средина, туку воопшто. Тоа е нешто што е денес сосема јасно. Она што ми беше многу поинтересно е аспектот којшто Шекспир го става во петтиот чин, а тоа е сонот, совеста. И во целата драма ќе види публиката, за совест зборуваат убијците, за совест зборува Рикард. Значи ние често мислиме дека диктаторите мирно спијат. Ќе земат Дијазепам и спијат мирно. А, всушност не е така. Тој опишува еден цел свет на демони. Фокусот е на еден обид да се направи жанровска претстава, што мене ми дојде како идеја бидејќи работев во Словенија. Работев серија во театар која беше жанровски трилер.
А, колку таа поделеност, по крунисувањето на Ричард Трети, што се случува во кралството, Ви беше дополнителен мотив да ја работите претставата, имајќи предвид дека поделени народи има многу овде на Балканот. А, и кај нас во Македонија, по различни основи?
– Тие се поделености коишто се нешто што го карактеризира тоа време и она што го карактеризира денешното време. Всушност, важната работа е кога поделеноста е силна, многу поедноставно се владее, бидејќи треба да совладаш помала група луѓе. Односно, една група која што верува во твојата мисла и таа мисла да ја наметне врз другата. Па, тоа го живеевме. И затоа ми се чини дека овие времиња коишто сега ги живееме и коишто не чекаат, треба да бидат времиња во коишто ќе бидеме едно. Едноставно, не смееме да си дозволиме поделби.
Каде ќе не однесе, Александар, таа поделеност меѓу граѓаните ?
– Ух, не би сакал да користам страшни зборови. Мислам дека денес треба да се внимава како се зборува и како ги формулираме работите. Бидејќи често може да се случи, збор да предизвика омраза, а омразата да предизвика насилство. И тоа не е добро. Мислам дека сега треба да преовладува разумот. Во Македонија имаше замена на тези. Всушност, нели Александар Македонски беше прогласен за наш јунак. Тој има меч, тој има коњ, а всушност нашиот природен јунак е Итар Пејо, во комбинација со двајца мудреци од Охрид коишто напишале една многу убава книга. И тоа е нашата моќ.
По една година нова власт, како Ви се чини состојбата во македонскиот театар, денес ?
-Јас, морам да кажам како човек којшто еве една година е вклучен во обид да се помрднат работите. Првенствено како претседател на Управниот одбор на МНТ, мислам дека работите не се мрднати од точката, каде што беа. Од точката, од која бевме многу незадоволни. За мене е срамота, куќа како МНТ сеуште да нема транспарентно избран директор со програма и уметнички директор којшто исто така ќе ја даде својата визија. Ние сме заглавени во некоја бирократија којашто нималку не ми се допаѓа, која никој не сака да ја мрдне ни со мал прст. Следната недела сакам да искочам со една прес конференција, каде што би сакал да кажам некои работи, поврзани со она што се случува. Мислам, не сакам да бидам дел од оваа слика. Ние, сиот период, сите залагања , сето тоа на што инсистиравме, па сега да стоиме на исто. Па, тоа е бесмислено. Тоа е тотално бесмислено.