Вечерва на „Скопско лето“ Драмски театар со „Партија реми“


На програмата на „Скопско лето” вечер е претставата „Партија реми” на Драмски театар-Скопје која премиерно беше изведена пред два месеца. Режисер е Виолета Џолева, а улогите ги играат Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ-Пановска.

Прашањето што го поставува „Партија реми“ е дали е животот среќа или стратегија, а делењето карти е метафора за шансите што ги користиме  или не во животот.  Текстот е на американскиот драмски автор Доналд Ли Кобурн, кој за него добил Пулицерова награда во 1978 година.

Според Џолева, текстот е едноставен, но суптилен и со длабока филозофија за животот и порака дека секој ден ни носи ново делење на картите.

Сценографијата е на Доротеа Ѓорѓиевска, костимограф е Лидија Георгиева, а изборот на музиката е на режисерката Џолева.