Васо Ристов и Александар Поповски, нови селектори на музичката односно драмската програма на „Охридско лето“


Васо Ристов и Александар Поповски се новите селектори на музичката односно драмската програма на најреномираната и најзначајната музичко-сценска манифестација во земјата Фестивалот „Охридско лето“.

На денешната седница на Управниот одбор на „Охридско лето“ е донесена одлука да се раскине договорот со досегашниот музички селектор Ѓорѓи Цуцковски, со образложение дека истата е од причина заради неисполнување на обврските определени во договорот.

На седницата е донесена одлука за драмски селектор да биде именуван Александар Поповски, еден од нашите најуспешни театарски режисери, додека за музичката програма да биде одговорен професорот Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје.

Во соопштението од НУ „Охридско лето“ се наведува дека станува збор за истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната театарска и музичка јавност, со богата професионална кариера зад себе.

Фестивалот „Охридско лето“ очекува од новоименуваните селектори максимално да се вложат себеси и своите во креирање на уметничката програма на годинешното фестивалско издание согласно духот и богатата меѓународна традиција, како и реномето и значењето на Фестивалот „Охридско лето“.