Буџетскиот минус ќе се покрива со нов заем за буџетски потреби


Ќе собере 3,4 милијарди евра а ќе потроши 3,7 милијарди, ова е планот на Владата за 2019. Дефицитот, или минусот на државната сметка изнесува 287,8 милиони евра. За негово покривање Владата планира да се задолжува од домашни и од странски банки, но ќе позајми повеќе, зашто треба да врати и стари долгови. Главнината за враќање во 2019 година изнесува 268,2 милиони евра.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека Владата работи на стабилизирање на јавниот долг.

„Постепено го намалуваме буџетскиот дефицит. Гледате дека е намален на 2,5 проценти од БДП. Јавниот долг како бројка не е содржан во Буџетот туку во Фискалната стратегија што Министерството за финансии ја објави кон крајот на мај. Ако ја погледнете, таму стои дека на крајот од годинава, јавниот долг ќе изнесува 50 проценти од БДП. Но во суштина, тој сега изнесува 48,2 и е многу пониско од тоа што сме го објавиле. Затоа наша проценка е дека јавниот долг во 2019 ќе биде многу понизок од 54 отсто. И второ, во јавниот долг влегуваат буџетскиот дефицит, кредитите што влегуваат во државен долг и кредити за некои државни претпријатија (како ЈП за државни патишта)“, објасни министерот зошто не очекува следната година долгот да изнесува 600 милиони евра, износ што излезе во јавноста.

Премиерот Зоран Заев, дообјаснувајќи зошто ќе расте задолженоста, додаде дека најголем дел од новото задолжување се должи на новиот договор со Ексим-банката за завршување на патот Кичево – Охрид, од околу 200 милиони евра, но тие средства, иако се сметаат за задолжување во 2019, ќе се користат и во наредните години.

Со Буџетот за 2019 е предвидено дел од буџетската дупка да се покрие со заем за буџетски потреби, гарантиран од Светска банка. Министерот Тевдовски не кажа на колкав износ ќе биде, но ја кажа разликата меѓу ова задолжување и она што СДСМ како опозиција го критикуваше во 2012 година и на што поднесе 100 амандмани. Тогашната влада бараше кредит од 50 милиони евра за буџетски потреби.

„Тогаш буџетот изобилуваше со непродуктивни трошоци, сега финансираме нешто што е потребно за економијата. Второ, наша интенција е да обезбедиме најниска цена за позајмување. Во буџетот имаме проекција за покривање преку домашни и странски извори, во зависност од тоа какви ќе бидат условите. Во моментов постојат подобри услови за кредитирање на домашниот пазар, на 15- годишна државна хартија од вредност, со камата од 2,9 проценти“, рече Тевдовски.

Капиталните инвестиции во 2019 изнесуваат 425,8 милиони евра и во нив не се вклучени парите за изградба на патишта, што се предвидени во буџетот на ЈП за државни патишта.

Сите министри не добиле колку што побарале од буџетските пари.

„Впрочем, и не заслужуваат во делот на реализацијата на капиталните инвестиции. Се надевам дека објективните причини за нереализација се тргнати. Ја дефиниравме и одговорноста на луѓето што ги спроведуваат проектите. Ќе пораснат капиталните инвестиции, тоа го очекувам и со крајот на декември“, рече Заев, најавувајќи дека клучните проекти – пругата, автопатот Кичево-Охрид и гасификацијата забрзано ќе се реализираат следната година.

По три години е откочена првата фаза од железничката пруга Куманово- Бељаковце, објасни Заев, додавајќи дека, за жал, државата платила пенали. За втората фаза вредна 140 милиони евра има 15 понуди, а во подготовка е и третата фаза, која чини повеќе од 350 милиони евра.

„Гасификацијата се гради на двата правци. Едниот е кон Кавадарци, Прилеп и Битола. И таму најголем дел од експропријацијата е решен и се гради. Се гради и на потегот Скопје-Тетово-Гостивар. Во 54 отсто се веќе решени имотно-правните односи, од Гостивар кон Кичево. Верувам дека и гасификацијата со засилено темпо ќе се реализира“, уверен е премиерот.

Се очекува да почне реализација и на проектот за Клиничкиот центар, за што овие денови треба да се донесе одлука за локацијата, а најавена е поинтензивна изградба на канализации и водоводи, училишта и градинки.

 

Помалку пари за мебел, повеќе за возила

Во капиталните инвестиции од 425,8 милиони евра, во 2019 се предвидени и купувања на возила и мебел. За мебел следната година ќе се потрошат 3,3 милиони евра, нешто помалку од годинава. За купување возила е планиран износ од 3,7 милиони евра, или повеќе од годинешните 3 милиони евра.

 

Сестрите добија 5 проценти плус на платите од јануари

Наместо од септември, како што беше првично најавено, покачувањето на платите од 5 проценти за медицинските сестри ќе стартува од јануари. Според  премиерот Заев, најден бил начин да се одговори на едно од нивните барања, но не и на второто, за повисок раст на платите.

Со растот на платите за специјалистите, кои од јануари ќе се покачат за 10 отсто, тие ќе стигнат до 90 илјади денари оваа и 100 илјади денари следната година.