Буџет 2019: Повисоки плати за лекарите специјалисти и за јавниот сектор


Вкупните приходи во државната каса во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната јавна презентација на Предлог-буџетот за следната година пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.

Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2% на БДП.  Притоа, Министерството за финансии оди со проекции кои се во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции, рече министерот за финансии. Се очекува економскиот раст да биде придвижен од солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и растот на инвестициите.

Стапката на инфлација треба да биде ниска и стабилна во 2019, и е проектирана на 2%. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето-плата за 4,5%, а стапката на невработеност да се намали на околу 20%.

Планирани се повисоки плати за лекарите специјалисти од 10 отсто од јануари 2019 година и за 5 проценти повисоки плати за вработените во здравството, образованието, градинките, одбраната, државната администрација, полицијата и правосудството од септември 2019 година.

Со Буџетот за 2019 година се намалува буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу буџетските приходи и расходи. Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на 2,5% од БДП или 0,2 процентни поени или половина милијарда денари помалку во однос на годинава.