Бутарис: Прашањето за името излезе од колосек поради глупостите на политичарите


Глупостите на политичарите, според солунскиот градоначалник Јанис Бутарис се „виновни“ што, како што вели „прашањето за името излегло од колосек“. Тој во интервју за радиото на грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ, изјавува дека е Македонец, а ја коментира и приватната посета на Солун на македонскиот премиер.

– Поголем Македонец од мене не постои поради потеклото. Моето потекло и моето воспитување кажуваат сѐ, вели градоначалникот на Солун во интервју за радио „Практорио фм“, на грчката новинска агенција. Оваа изјава веројатно се однесува на Грците кои се самоопределуваат како Македонци, а не на Македонците од Македонија.

За прашањето за името, јавува дописникот на МИА од Атина, Бутарис коментира дека излегло од колосек поради глупоста на политичарите.

– Прашањето за името излезе од колосек, чисто поради глупостите на политичарите. Луѓето сакаат да си најдат идентитет. Со отстапки од двете страни, но и од опозицијата, подготвени се за компромис. Господинот Заев рече дека ќе го смени името на аеродромот, ќе ги смени таблите на улиците, објаснува солунскиот градоначалник во интервјуто.

Во однос на средбата со македонскиот премиер и приватната вечера во Солун на ден пред дочекот на Новата година, Бутарис вели дека со соседите потребно е да постојат добри односи.

– Имавме планирано приватна вечера. Го поканив да ја пречека Новата година во Солун. Неговиот брат и неговите пријатели, секоја седмица се во Солун. Она што го финализиравме е да работиме на спуштање по Вардар, во некој момент во април. Можеби ќе имаме и заеднички екипаж. Второ, се договоривме да правиме културни размени што ќе вклучуваат танц, музика и предавања. Еднаш во Скопје, еднаш во Солун. Разговаравме и за една стипендија што ќе ја даде општина Солун, вели Јанис Бутарис, пренесува МИА.

Солунскиот градоначалник објаснува дека со трговската и индустриска комора, во Скопје прв пат биле во 1991 и оттогаш постојат редовни посети во рамки на кампањата „Дипломатија на градовите“.

Јанис Бутарис и Зоран Заев, во саботата имаа заедничка, приватна вечера во познат солунски ресторан