Бугарските бизнисмени ја ограбија неготинската фабрика


Седум лица од раководството на АД „Фабриката за кабли Неготино“ (ФКН) заработија кривични пријави поради несовесно работење и злоупотреба на службената положба. Тие преку намерно предизвикување стечај на неготинската фабрика направиле штета од 847 милиони денари или 14 милиони евра.

Полициската станица Неготино поднела кривична пријава против Г.Х. (47),генерален директор на ФКН, против Ј.Ј. (37), претседател на одбор на директори на ФКН, против двајца членови на одборот на директори на ФКН, сите од Бугарија, како и против Љ.К. (61) од Велес, исто така член на одборот на директори. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, но и за намерно предизвикување стечај, како и за оштетување или повластување на доверители и за фалсификување службена исправа.

Како што наведува неготинската полиција, малверзациите биле со цел да се префрли имотот и сопственоста на ФКН врз друга фирма од Бугарија
Кривични пријави за помагање добиле уште двајца Бугари, односно Ј.С. (41), сопственик и управител на ФКН и С.С. сопственик и управител на фирмата „Мега ел ООД“ Софија, која е мнозински акционер во ФКН. Нив полицијата ги товари за помагање во извршување кривично дело.
Според пријавата, раководителите на АД ФКН во 2007 година ја задолжиле фабриката кај една банка и под хипотека го ставиле целиот движен и недвижен имот, при што во спогодба со банката е наведена помала вредност на тој имот.

Потоа, во повеќе наврати од 2007 до 2010 година, со двајцата сопственици и управители на другите фирми вршеле зделки со долгот, без одобрение од собрание на акционери на ФКН.

Раководството на фабриката за кабли се товари дека на ФКН ДООЕЛ му ги отстапило сите договори, лиценци и сертификати за производство, со намера да го префрлат целокупниот имот во сопственост на ФКН ДООЕЛ.

– На овој начин АД ФКН станало трајно неспособно да ги извршува обврските кон другите доверители и со тоа ги оштетиле останатите доверители, акционери на Македонија за износ од 847.217.663 денари или околу 14 милиони евра – вели полицијата. (Н.В.)