Бугарин го фати крстот во Гевгелија


Најсреќен меѓу четириесетината кои скокнаа по светиот крст во реката Вардар во Гевгелија беше 23- годишниот државјанин на Република Бугарија, Теодор Цветков од градот Русе.

Свештените лица и многубројните граѓани на Гевгелија беа пријатно изненадени што првпат чесниот крст во Гевгелија го фати странски државјанин. Тие на Цветков му посакаа многу здравје и му порачаа со светиот Богојавленски крст да ги посети сите христијански домови во Гевгелија.

Цветков досега учествувал на фаќање на крстот и во други земји во светот, како и во Москва во Русија.

Среќниот носител на крстот од водите на Вардар до свештените лица кои го дочекаа на мостот го прими благословот, но не и црковните дарови. Негова желба била крстот да го остави на црквата, а средствата што ќе се соберат со неговата посета на сите домови во Општината да се донираат на болно дете, или дете со посебни потреби, а половината од така собраните средства да се наменат на гевгелиските верски објекти.

Екипата од Бугарија со себе носеше и бугарско знаме.

Ова е првпат странски државјанин да го фати крстот.