Бред Пит контра Џоли: Досега платив 9 милиони долари за алиментација
САД– Девет милиони долари досега платив алиментација за децата, по разделбата во септември 2016 година од актерката Анџелина Џоли, одговори Бред Пит по прозивките од екссопругата во јавноста. Џоли го обвини поранешниот сопруг дека не плаќа доволно финансиска поддршка за децата, како најнова етапа во нивната долга бракоразводна постапка.
Адвокатите на 43-годишната актерка и режисерка поднесоа документи во кои тврдат дека 54-годишниот актер не плаќал „значителна“ алиментација за децата во изминативе 18 месеци.
„Заклучно со денеска, Пит нема платено значителна финансиска помош за децата од разводот“, стои во документите што ги поднесе адвокатката на Џоли, Саманта Блеј Деџин.
Џоли вели дека нејзиниот поранешен сопруг не си ги исполнил неформално договорените финансиски обврски и мора да си ги побара парите по судски пат.
Во документите не е наведено што се подразбира под „значителна сума“. Во документите исто така се бара разводот за да се финализира годинава, од што може да се заклучи дека на Џоли ѝ се брза да го стави бракот зад себе.
Се проценува дека Џоли има богатство од 160 милиони долари. Celebrity Net Worth во 2014 година ја рангираше на 74. место на листата, а според истата листа Пит вреди 240 милиони долари.
Поминаа речиси две години откако двојката соопшти дека се разделува. Џоли поднесе барање за развод во септември, 2016 година, како причина наведувајќи „непомирливи разлики“.
Џоли и Пит имаат шест деца заедно: Медокс (16), Пакс (14), Захара (13), Шајло (12) и 10-годишните близнаци Вивиен и Нокс.