Брановите на интервенционизмот


Никола Поповски

Во текот на 80-тите години од 20 век социјализмот и социјалистичките државни економии во целиот свет почнаа многу сериозно да ги манифестираат сите системски недостатоци што со децении се провлекуваа низ нивните општества, а во економска смисла најважното секако беше тоа дека пазарот и пазарните механизми беа сериозно или целосно потиснати од страна на пренагласениот државен економски интервенционизам. Во истиот период најразвиените западни пазарни економии, предводени од комбинацијата на конзервативните економски политики на претседателот Роналд Реган во САД и премиерката Маргарет Тачер во Велика Британија направија дополнителна либерализација на нивните економии со кои и онака не многу присутните инструменти и мерки на државна контрола врз економијата почнаа пазарно да ги потиснуваат. Се појави новиот бран на либерализација, приватизација и дерегулација на економиите.

Конечно, на почетокот од 90-тите години на 20 век, социјалистичките системи и економии формално пропаднаа, а неолибералните економски системи зајакнаа и се проширија речиси врз целиот свет. Нивната моќ беше отсликана со појавата на правилата на т.н. „Вашингтонски консензус“ креиран од веројатно тогаш и сега трите најмоќни економски институции во светот – Министерството за финансии на САД (Трезор на САД), ММФ и Светската банка. Економската филозофија на тој консензус, сведена на неколку зборови денес се опишува вака: „приватизирај, дерегулирај, либерализирај, намали (се мисли на улогата на државата), глобализирај“. Под дејство на таа владејачка и доминантна економска доктрина светот се развиваше речиси две децении, сè до големата финансиска, а потоа и економска криза од 2009 година. Економиите растеа со задоволителна стапка, макроекономската стабилност беше општоприсутна, вработеноста и трговија исто така растеа, структурните промени се забрзаа. Се чинеше дека сè се одвива одлично сè додека суровите законитости на пазарот не го освестија светот дека тој прилично „забегал“ со процесите на дерегулација, приватизација и повлекување на државата од економијата и дека фазата на економската експанзија заврши. Неолибералните економски концепции повторно и по кој знае кој пат во историјата се срушија како кула од карти. Дерегулираното и либерализирано банкарство се закани да се урне себеси и да ги сруши економиите во целина преку ноќ и без поголеми тешкотии. Строго поставените фискални политики со ниски дефицити и ниско ниво на обезбедување на јавни добра во општеството изгледаа немоќни да помогнат, а неолибералните монетарни власти со својата прилично дерегулирана и либерализирана супервизорска функција повеќе беа причина отколку решение за финансискиот бродолом и претстојната рецесија.

Денес веќе на сите ни е повеќе од јасно дека излезот од проблематичните кризи и рецесии се најде во недвосмислениот државен интервенционизам потпрен на новокејнзијанскиот модел, но и на постулатите за важноста на агрегатната побарувачка и фискално-монетарниот интервенционизам на пазарите познати уште од учењето на класичното кејнзијанство. Мерките се проширија од користење на механизмите на фискалната и монетарната политика сè до директна државна помош и субвенционирање кон многу економски субјекти и активности. Први во редот беа банките што се санираа со државни пари. Со оглед дека државни пари во голем обем немаше, интервентното субвенционирање се овозможи преку задолжувањето на државите што создаде енормен раст на фискалните дефицити и јавниот долг. Во најразвиените држави тој достигна до нешто под 100 отсто од вредноста на БДП, како што беше случај во најголем број од земјите на ЕУ, па над 100 отсто во случајот со САД и над 200 отсто во Јапонија. Некои држави оваа трка не ја издржаа и банкротираа. Таков беше случајот со Грција која потоа беше спасена од страна на ЕУ, ЕЦБ и ММФ и тоа само затоа што е дел од еврозоната.

Интервенционизмот, за среќа, успеа и многу држави, како и светската економија, во целина се вратија на патот на економски раст. Но тоа не беше доволно. Растот беше слаб, со нови закани од рецесии во периодот околу 2012 година кога се случи многу значаен пресврт. Интервенционизмот продолжи, се прошири и зајакна. Помошта кон многу сектори продолжи да опстојува, па дури и да се воведува. Земјоделството, образованието, финансиите, особено банкарството, иновативните индустриски гранки, извозните сектори итн. ЕУ почна да ги проширува своите фондови за државна помош и да воведува нови. САД да воведува дополнителни бариери и заштита од увоз, Кина да воведува реципрочни мерки, ЕУ да се заштитува. Во такви услови што можеше да се очекува од послабите и понеразвиени? Едноставно тие почнаа да ги следат таквите примери. Пазарните механизми се потиснати од сè поголемиот интервенционизам и субвенционирање на сè и сешто во економијата. Сите држави сега нудат помош за одредени дејности, нудат даночни ослободувања, бесплатни ресурси за странските и домашните инвеститори, концесии без надомест, субвенционирање на новите вработувања, на новите производи, новите (стартап) компании, дополнителниот извоз, супституцијата на увозот… Сите забревтано образлагаат дека државната помош и интервенционизмот се нужни за да има раст и развој и дека пазарниот механизам сам по себе не може да ги задоволи нашите очекувања. Сега повторно дојде време на државната економија. Таа – државата – обезбедува, финансира, санира, субвенционира, дели и прераспределува, забранува и овозможува, произведува и продава. Пазарно ориентираните компании, гранки, дејности и национални економии… што беше тоа?

Во такви услови на опкружување во светот и регионот што би требало да се очекува од Македонија? Таа уште од 2009 година почна полека, но сигурно да се движи по патот на доминација на државата во економскиот живот и економските активности. Се сеќавате на одземањето на лиценците на компанија што се занимава со лотарија и реформирање на државната лотарија? Се сеќавате на хистеријата околу воведувањето на огромните фискални субвенции за државно поддржаното земјоделство, градежништво потпрено само на државните јавни набавки, формирањето на преголеми капацитети за државно високо образование, доделување непримерни државни субвенции и концесии за странските инвеститори во индустријата, во комуналните дејности, енергетиката, услугите? Се сеќавате на обидите да се промени Уставот за да се овозможи постоење двојни стандарди со огромни привилегии за новоформираната финансиско-банкарската дејност? Тоа на еден или друг начин продолжува до денешен ден. Државата уште позасилено ги помага инвестициите, вработувањата, извозот, иновациите, увозната супституција, набавките од домашните компании, дури и сака да докапитализира компании со запишување на сопствени удели и акции. Овој светски бран, кој ја заплискува и македонската економија, сега изгледа сладуњаво и лепливо. Личи на нешто како брз успех. Но еден ден тоа ќе се врати многу посилно и кога пазарот со своите механизми ќе ги урне сега поставените државни бариери, тој всушност ќе си дојде по своето. Тогаш опстанокот ќе биде тежок и само за избраните што на време сфатиле дека пред сè мора да се потпрат на неговите гранитни механизми.

Деновиве Охридското Езеро со својот природен бес однесе дел од интервенциите на човекот на неговото крајбрежје. Охриѓани на шала коментираа дека езерото всушност едноставно си дојде по своето. Тоа што отсекогаш му припаѓало.