Бојкот: Секој може, но никој не смее!


Ило Трајковски

Деновиве со почетокот на кампањата до крај се изострија политичките и правните контроверзии околу референдумот за промена на името на државата. Заслугата за тоа му припаѓа на академикот Владо Камбовски. Тој, во сенката на својот неспорно габаритен кривично-правен опус, искажа став со кој говорот за бојкотот го измести од политичкото во криминолошкото рамниште. Според него, бојкотот е, пред сè, злосторничко, т.е. криминално дејствување, бидејќи повикувањето и организацијата на бојкот на некоја државна мерка или политика е кривично дело, а не легитимно политичко дејствување! Бојкотот се препознава како политичко право и слобода на секој граѓанин, но истовремено се истакнува дека со неговото практикување ги соочувате практикувачите со казна затвор до три, односно до пет години!
Ваквиот став оние на што им беше упатена неговата порака, со право, го протолкуваа како заплашување на граѓаните да не помислат на бојкот. По аргументираните реакции на засегнатите, академикот се коригираше и ја прецизираше својата позиција, ублажувајќи ја заканата. Сепак, тој си остана во рамките на првичните нормативно политички позиции – за договорот и за стигаматизирање на неговите бојкотирачи. Овој став во врска со прашањето за смислата и границите на правото на бојкот во демократската политика се сместува во рамките на ригидните апологетски толкувања на истото. Нив ги застапуваат претставниците на власта, нејзините гласноговорници и некритички приврзаници. Според нив, бојкотот на референдумот е обид за рушење на државата Република Македонија! Неуспехот на референдумот поради бојкот или поради гласање против договорот се претставува како свесно или несвесно загрозување на опстанокот на Републиката. Во таа насока, бојкотирачите најчесто се претставуваат и се демонизираат како проруски „елементи“. Бојкотот на референдумот не се допушта како форма на политичка партиципација, туку се толкува како злосторнички, односно кривичен проект и активност, казнива според закон.
Приложените докази за тоа се прилично едноставни и еднострани – државата, односно нејзин легален орган (во овој случај Собранието) донел законита одлука и таа мора да се почитува. Ваквата аргументација ме потсетува на бојкотот од страна на дел од етничките Албанци во Републиката на пописот од 1991 година. Во таа пригода, еден друг наш исто така истакнат кривичар, јавно го бранеше својот став дека сите што го бојкотирале пописот и со тоа не ја исполниле „законитата“ одлука на надлежниот државен орган треба да бидат казнети со соодветна казна затвор! И тогаш и сега се прашував – дали постои оправдан бојкот, односно злостор како што го квалификуваат двајцата врвни кривичари? Како ли на нивните ставови би гледал еден македонски Махмата Ганди?
Одговорот на ова прашање го наоѓаме во модерната теорија за државата и особено во теоријата за граѓанственоста и со нив поврзаниот концепт за граѓанската непослушност. Во овие рамки бојкотот како феномен е легитимна форма на ненасилно политичко дејствување. Џин Шарп, на пример, кого некои оправдано го нарекуваат Макијавели на ненасилството, бојкотот го определува како легитимна форма на несоработка. Тој претставува прекин на вообичаената социјална, економска или политичка соработка на граѓаните со државата или некој нејзин орган или со некој економски чинители.
Бојкотот, како и граѓанската непослушност, навистина го доведуваат во прашање нормалното функционирање на државата. Но, клучно прашање за разбирање на нивната контроверзна правна природа е прашањето што е „нормално“ во даден општествен контекст. Истражувањата покажуваат дека до бојкот (социјален, економски или политички) доаѓа во екстремни и трауматични ситуации. Тогаш кога една од страните во дадена ситуација е или навистина надмоќна и не допушта простор за институционална канализација на алтернативни политики или, пак, е толку игнорантска што не вреди да се „разговара“ со неа – на пример, во случаите на узурпација на институциите и целосна контрола. Тогаш кога државата или нејзините органи преземаат чинови кои се несфатливи за некои делови од јавноста и во кои јавноста или некој нејзин значаен дел нема доверба. Кога законите и државните органи задолжени за нивно спроведување му противречат на здравиот разум.
А токму тоа ни се случи во повеќе наврати со оваа влада која е главен промотор на претстојниот референдум. Еднаш тоа се случи со начинот на донесување на законот со кој се предвидуваше проширување на службената употреба на албанскиот јазик; друг пат со одбраната на корумпирани државни функционери како незаменливи; трет пат со лажирани тендери и многубројни други случаи. Ова се, ми се чини, примери од арсеналот на политиката на пост-вистината – сé поминува, ништо не е солидно и, како што би рекле битолчани, прилепчани, а сигурно и некои други: „Арен маж на зборо не си стој“.
Во такви ситуации дел од граѓанството чувствува обврска нив да ги оспори како прашање на свеста и совеста. Дали тоа ќе го стори со гласање против или со бојкотирање на гласањето е прашање на слобода на мислата и политичкото дејствување. Бојкотот како демократска придобивка е порадикална алтернатива за оспорување на Договорот. Тој навистина силно ги предизвикува принципите на владеење на мнозинството и на владеење на правото како основни постулати на либералната демократија. Токму заради таквата негова противречна природа современата кривично-правна теорија како клучен елемент во одбраната од кривично гонење и казнување на чинителите на такви чинови, го нагласува концептот затвореник на свеста.
Од таа перспектива, едностраното и ригидно правничко толкување на бојкотот само како прекршување на „законита мерка на државата“ го губи од предвид фактот дека Договорот со Грција предизвикува драматични и за многумина трауматски промени и состојби во свеста и идентитетот на голем број граѓани. Со неговата содржина и последици – вклучувајќи го и референдумот – се справува секој заинтересиран граѓани поединечно. Една пријателка, на пример, ми вели дека знае дека Договорот носи многу ризици по нашиот идентитет и, пред сè, за нашиот колективен интегритет и достоинство. „Знам дека многупати излажаа, но мислам дека немаме други избор и затоа, ‘ќе замижам и ќе гласам ЗА!’“ Ќе замиже и ќе гласа за! А што кога ќе ги отвори очите за да се погледне себеси во огледало!? Дали тогаш ќе се ослободи од затворот на совеста? Или таа и многумина други ќе го вградат својот глас и себеси во уште една силна колективна траума?
Тоа многу ќе зависи од начинот на кој т.н. траума кариерни групи (како што се претставниците на власта, интелектуалци, а меѓу нив посебно на академиците други) ја водат штотуку започнатата кампања. Со изјави како, на пример, споменатата од академикот кампањата прераснува во процес на трауматизација на референдумот. Во тој процес главен збор имаат групациите кои благодарение на своите говорнички и други симболичко комуникациски капацитети и позиции ги осмислуваат значењата на референдумот и Договорот како трауматизирачки настани. Во врска со нив треба да се знае дека тие си имаат свои интереси за таквото прикажување на бојкотот и на референдумот. Кај нив ставот за или против или бојот на референдумот не е прашање на совеста туку на калкулацијата. И тие имаат прво на тоа. Но, немаат право да ги демонизираат оние кои оцениле дека од нивна лична перспектива за колективитетот е подобро да гласаат против или да бојкотираат. Во вакви пресвртни моменти треба да се работи на јакнење на почитта кон меѓусебните разлики.