Борко Лазески го спои отпорот кон модерната уметност


Кога денес ги споредуваме тие високи мигови на македонската уметност со овие бедни кич ветошини од последните десетина години во облик на јавни споменици, сфаќаме колку скапоцено време сме изгубиле и колку во еден миг сме биле многу, многу поблиску до Европа и светот, истакна академик Влада Урошевиќ на промоцијата на монографијата „Борко Лазески – сто години од раѓање“ во МАНУ, посветена на најпознатиот македонски монументалист и втемеливач на витражот во Македонија.

Урошевиќ во пролетта 1956 бил сведок кога авторот ја довршувал и поставувал монументалната (222 квадратни метри) „Фреска за НОБ“ во холот на некогашната Скопска железничка станица, која ја нарече исклучителен миг во развитокот на македонската ликовна уметност. Во облиците на тој мурал, долг 45 метри со над сто човечки фигури, рече, тогаш младите интелектуалци ја откривале традицијата на македонскиот фрескоживопис (пр. сличност на сегментот Носење на ранетиот со библиската тема Симнување од крстот), како и влијанија од светската монументалистичка традиција, од уметноста на Вилијам Блејк или мексиканските муралисти….

– Тоа беше миг на пробивот на една повисока фаза во сфаќањето на односот помеѓу уметноста и општеството. По откривањето на оваа голема фреска пред очите на македонската јавност, веќе ништо не беше исто. Авторот покажа како се создава модерно уметничко дело. Беа потребни уште само неколку години и во Македонија отпорите против модерната уметност се стопија, испарија, исчезнаа, рече Урошевиќ на промоцијата на монографијата која ја објави Националната галерија на Македонија. Во неа се прикажани сите монументални дела на Лазески на територијата на Македонија.

Промоцијата се одржа во свечената сала на МАНУ на чии ѕидови се наоѓа витражот на Лазески „Светлина на минатото“ од 1975 година.

– Благодарение на овој витаж, Борко е секогаш со нас и секогаш меѓу нас, истакна претседателот на МАНУ Таки Фити, кој за Лазески рече дека приаѓа во редот на великаните на модерната македонска уметност, со извонреден творечки талент кој го усовршил во познати сликарски школи меѓу кои и во Париз.

Како стипендист на француската Влада, Лазески бил во Париз и како завршен студент ги учел монументалните техники во студиото на Андре Лот, кој заедно со Пикасо е основач на кубизмот. Во ателјето останал три години (1956-1958).

– Борко Лазески беше угледно име, предаваше на тукушто формираната Педагошка академија во Скопје. Тој ги донесе идеите на Лотовиот кубизам во Македонија и имаше многу ученици и поддржувачи. Скоро да нема историчар на уметноста што нема пишувано за него, истакна академик Цветан Грозданов. Во монографијата за Лазески, смета тој, недостига прилог за создавањето на кубизмот во Македонија за што, рече, постојат сјајни студии објавени и на македонски јазик.

За еден век од раѓањето на Лазески (Прилеп, 1917 – Скопје, 1993) НГМ ќе организира и изложба во Даут-пашин амам, од 15 февруари до 5 април. Кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска соопшти дека ќе бидат претставени 60-ина експонати – оригинални дела од помал формат и фотографии од неговите монументи, како и скиците од „Фреската за НОБ“, т.е. фрагментите кои се реставрирани.

Со овој проект НГМ го почнува одбележувањето 70 години од своето основање. Директорката Дита Старова-Ќерими истакна дека значајно е што јубилејот го почнуваат токму со изложба на дела од Лазески затоа што тој бил првиот в.д. директор на НГМ, тогаш Уметничка галерија-Скопје. На 28 февруари НГМ ќе организира и предавање за творештвото на Борко Лазески.