Блокада на влезот во Струмица против отворање на рудникот „Иловица-Штука“


Со двочасовна блокада на крстосницата на влезот во Струмица од правците на Валандово и граничниот премин Ново Село, активистите на Здружението „Здрава котлина“ и граѓани од Струмичко уште еднаш го искажаа своето спротивставување на отворање на Рудникот за злато и бакар „Иловица-Штука“ на компанијата „Еуромакс Рисорсис“.

Според организаторите, целта на блокадата е на сите надлежни државни институции заеднички да им се покаже дека трпението е изминато и дека проблемот мора да се реши во полза на општиот интерес на граѓаните од целиот регион.

-Изминаа многу месеци откако никој ништо не презема во врска со рудникот „Иловица-Штука“. Мора ова прашање да се отвори и да се стави на маса и конечно да се затвори, затоа што навистина има правни издржани факти кои се однесуваат на тоа дека рудникот треба да се затвори, вели Стојан Велков-Трн, од Здружението „Здрава котлина“.

Додаде дека денешната блокада се организира и поради законот за минерални суровини, кој пратениците не го разгледале.

Активистите најавуваат радикализирање на протестите, доколку надлежните не преземат ништо.

-Ова е прва предупредувачка блокада. Доколку не бидат исполнети нашите барања, односно барањата на народот кој живее тука, тогаш навистина ќе бидеме принудени да преземем радикални мерки, кои ќе бидат насочени кон продолжување на блокадите на различни места, рече Велков-Трн.

На денешната блокада реагираа од компанијата „Еуромакс Рисорсис“, дека ги поддржуваат сите невладини здруженија и активности организирани согласно домашната законска регулатива и ја поздравуваат секоја активност која се залага за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Но, според компанијата, тоа не мора да биде на сметка на добросостојбата и просперитетот на локалната заедница.

-„Еуромакс Рисорсис“ не беше контактиран за денешниот настан во Струмица организиран од локални невладини организации и „Еуромакс“ не се залагал за негова промоција или спречување, стои во реакцијата на компанијата.