БИЉАНА ДРАГИЧЕВИЌ-ПРОЈКОВСКА КАКО МЕРИЛ СТРИП : Мајка ми ми посака да заиграм во „Мама Миа!“
„Мама Миа!“ е еден од најпопуларните мјузикли во светот за публиката и најпосакуван за актерите да го запишат во својата биографија. Слатка мала тајна беше и желбата на актерката Биљана Драгичевиќ-Пројковска да биде дел од овој лиценциран мјузикл, кој премиерно ќе се изведе на 24 декември во Македонскиот народен театар. Иако, Драгичевиќ-Пројковска не се надевала дека ќе ја има токму улогата на Дона Шеридан која, пак, во филмската верзија ја игра Мерил Стрип, сепак, потајно посакувала да биде дел од овој спектакл.
Во „Мама Миа!“ се најголемите хитови од Шведската група АББА, по музика и текст на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус, а текстот е на Кетрин Џонсон, по приказната на Џуди Крејмер. Македонската верзија е во режија на Наташа Поплавска, која пред две години со поставувањето на „Чикаго“ го врати мјузиклот како жанр во македонските театри. Во тој прв лиценциран бродвејски мјузикл Биљана Драгичевиќ-Пројковска ја играше улогата на новинарката Мери Саншајн. Песната „The winner takes it all“ со која таа се претставила на кастингот за „Мама Миа!“ ѝ донесе победа да игра една од водечките женски улоги.
„Две години после бројдвејската изведба на „Мама Миа!“, некаде во 2002 година, Австралијците имаа премиера. Мајка ми беше на посета кај сестра ми, која таму живее, и ми ја донесе оваа програма воодушевена од претставата, ми посака некогаш да бидам дел од неа. Тогаш можеби посакував да ја играм Софи, но сега на оваа возраст ми прилега Дона. Некако секогаш внесувам некоја доза на комичност во ликовите, но суштински сето тоа мора да изгледа стабилно и добро. Се пронаоѓам целосно во овој жанр и среќна сум што конечно се размислува во тој правец –вели таа.
Мјузиклот како жанр е апсолутно она што комплетно ја отсликува Биљана како актерка бидејќи пеењето и глумата се двете нејзини најсилни страни.
– Завршив музичко училиште затоа што навистина ја имав љубовта кон музиката и потоа завршив и глума, па тие две работи се споија и засекогаш ќе останат дел од мене. Тоа ми е апсолутна слика за тоа што треба еден актер да биде, да знае да пее, да игра, да глуми, за да биде комплетна слика за себе и за публиката. Дваесет години, колку што јас сум во театарот, немавме речиси никакви мјузикли ниту, пак, се размислуваше на таа тема. Со појавата на „Чикаго“ пред две години, сонот полека почна да се остварува. И навистина треба да се внимава што се посакува – вели таа.
Хитовите на АББА се препеани на македонски јазик од Тина Трпковска и ќе ја имаат базичната певливост и енергичност бидејќи голем дел од нив ќе почнуваат исто како оригиналите.
Тимот што победува не се менува
Режисерката Наташа Поплавска не го менува тимот што победува, но го надградува и внесува нова свежина со изборот на актерите. Ова се наметнува како природен заклучок бидејќи дел екипата во „Чикаго“ се пресликува и во „Мама Миа!“.
– Потајно се надевав дека ќе бидам дел од овој спектакл. Се подготвував темелно за кастингот, иако соработничките задолжени за проверки на пеењето, Ана и Сара, ми рекоа дека не мора да одам на кастингот бидејќи веќе знаат како пеам. Инсистирав да биде сè по пропис и добри три четири дена се затворив и ги вежбав песните. Две недели после кастингот ми јавија дека ќе ја играм Дона, буквално викав и скокав од радост – раскажува Драгичевиќ-Пројковска.
Покрај неа, на сцената во улога на Софи, ќерката на Дона, ќе се појави младата актерка Нина Деан. Најдобрите пријателки ги играат актерките Арна Шијак, Тања Кочовска, кои беа дел од „Чикаго“, додека улогите на татковците Сем, Бил и Хари ќе ги играат актерите: Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев, а Никола Наковски ќе ја игра улогата на Скај, свршеник на Софи. За кореографијата повторно се задолжени Олга Панго и асистентката Ирена Лозинска. Исто и пред оркестарот, како и во „Чикаго“, пак ќе застане диригентката Бисера Чадловска.
Во „Глумците пеат“ имавме шанса многу да покажеме
Разговарајќи за мјузиклот и неговата важност како жанр за актерите, спонтано се потсетивме и на манифестацијата „Глумците пеат“. За актерите тоа претставуваше забава, дружење, но и можност да ги покажат своите гласовни способности.
– Заедно со моите колешки и колеги правевме разни имитации на музичари, на пример на „Битлси“ и други рокенрол-бендови. Но ги подготвивме и песните на АББА, иако никогаш не настапивме со таа изведба, дури не знам ни од каде сме ги ваделе текстовите во тоа време, немаше Јутјуб и слично. „Глумците пеат“ беше едно фино дружење за нас актерите на денот на театарот да се собереме сите од различни краишта и театри во земјава – вели Драгичевиќ-Пројковска.
Децата ме препознаваат во гласот на Петко
Познато е дека таа е зад маската на детскиот омилен лик Петко, но интересно е кога им зборува на деца кога не ја носи маската. Кога ќе го слушнат нејзиниот глас, се развлекува насмевка на нивното лице, го препознаваат, но се збунети бидејќи не го гледаат. Тогаш Биљана им вели дека е многу добра пријателка со Петко и затоа знае да зборува како него.
– Многу го сакам ликот на Петко и многу ми е драго што и децата го сакаат. Понекогаш е физички исклучително тешко да се биде под таа маска бидејќи некои снимања траат и по 12 часа во студио. Но кога нешто се работи со љубов, се заборава на исцрпувачките моменти – вели Биљана.
Ивана Настеска
Фото: Б. Грданоски