Битолскиот театар гостува на Фестивал на националните театри во Црна Гора


Ансамблот на Народен театар-Битола на покана на црногорскиот Народен театар, во Подгорица учествува на Фестивал на националните театари.

На првото меѓународно фестивалско издание од ваков карактер ќе бидат презентирани актуелни и најзначајни продукции од театарите од регионот, а Битолскиот театар, вечер пред публиката во главниот црногорски град ќе ја изведе претставата „Коцкар“ од Ф.М. Достоевски во режија на Дејан Пројковски.

– Годинава на фестивалот кој почна пред два дена, а ќе заврши на 8 јуни, учествуваат театари од Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија, Словенија и Црна Гора. Фестивалот е од ревијален карактер, а според концептот освен театри од поранешните југословенски држави, ќе учествуваат и ќе бидат презентирани и најзначајните театарски остварување од целиот регион, информира Билјана Вржовска, советник за односи со јавност во Народен театар-Битола.

Во театарската претстава „Коцкар“ настапуваат актерите Огнен Дранговски, Илина Чоревска, Јоана Поповска и други, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, сценските движења ги подготви Олга Панго, а музиката ја компонираше Горан Трајковски.