„Бикини Мун“ на Милчо Манчевски премиерно на 22 март во кино Милениум


Македонија е прва земја во која американскиот филм „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски ќе има редовна дистрибуција. Филмот премиерно ќе биде прикажан задутревечер од 20 часот во „Милениум“ и ќе остане на репертоарот на киното со по две проекции, од 20 и од 22 часот.

– Инсистирав прво тука да почне, другите имаат малку посложен процес на договорање и на влетување во репертоар. Убаво е што филмот ќе игра тука, и убаво е каде било да игра. Колку и како ќе биде разбран ќе видиме, но не е тоа најважно. Најважно е филмот да биде онаков каков што делото само бара. Ова е еден по малку експериментален филм и како таков сум исклучително задоволен, рече режисерот Манчевски денеска на прес-конференција по повод премиерата на филмот кој е структуриран како филм во филм – лажен „синема верите“ документарец.

„Бикини Мун“ е современа трагедија за жена која била војник во Ирак и по враќањето живее како бездомник на улица во Њујорк, и затоа што е ментално нестабилна, и ја одзеле ќерката.

– Нејзиниот поглед на стварноста, затоа што е ментално нестабилна, затоа што е повратник, е одлична порта во испитувањето на она што не интересира во овој филм, а тоа е нашиот однос кон вистината и тоа како медиумите, во случајот документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат, рече Манчевски.

Кондола Рашад, која ја игра насловната улога, била избрана во кастинг што траел неколку месеци и во кој се пријавиле стотици актери. Во долгиот процес на избор, рече Манчевски, барал актери од занает, а не по изглед.

– На првото снимање Кондола глумеше жена со ментални проблеми на еден толку уверлив начин, што мене ми беше непријатно кога тоа го гледав. Мислев дека е навистина човек што има проблеми, што не би било етички да го ангажираш на филм. Улогата не беше напишана за црнкиња, но затоа што Кондола беше најдобра од сите глумци што ни се пријавија, го адаптиравме малку сценариото, рече Манчевски за актерката што ја игра главната женска улога, додавајќи дека е ѕвезда во огромен подем со три номинации за бродвејската награда „Тони“.

Британскиот дизајнер на продукција Дејвид Манс, кој работел на сите филмови на Манчевски, на средбата со новинарите истакна дека соработуваат повеќе од 25 години, од нивното запознавање за филмот „Пред дождот“.

– Преку работата на тој филм, ние создадовме силна конекција и работно искуство кое се уште трае, рече Манс, кој многу патувал низ цела Македонија и познати му се многу локации.

Игор Василев -Новоградска, композитор на музиката на филмот, рече дека користеле многу начини како да ја протнат музиката во филмот.

– Како и секој друг филм што сум го работел за Милчо, ова беше нов, голем предизвик, истакна Василев.

Мишо Ристов, кој и во овој филм на Манчевски е дизајнер на визуелни ефекти, рече дека во „Бикини Мун“ тие не се многу инвазивни, туку се скриени и доста суптилни и изгледаат како да се дел од фотографијата.

Во врска со тоа што „Бикини Мун“ ја немаше поддршката од Македонија, режисерот Манчевски одговори дека не сака да се занимава со „нефилсми проблеми“ зашто се занимава со она што е на платното.

– Битна ми е прикаската и емоцијата, а се друго е начин да се дојде тоа да го имаме на платно. Овој филм не можев ни да очекувам да биде поддржан од Македонија, иако во друга, поубава констелација можеби Македонија би се грижела за своите автори на еден друг начин. Не сакам воопшто да се бавам со целиот тој период и со сите нефилмски проблеми кои ги имав со мојата филмска работа тука, рече Манчевски кој им се заблагодари на неколку луѓе кои овозможиле со својот, како што рече, професионален и несебичен ангажман, „Бикини Мин“ да ја види Македонија и без кој филмот немало да биде тука.

Пред проекциите на „Бикини Мун“ во „Милениум“ ќе се прикажува и петминутниот експериментален филм на Манчевски „Крајот на времето“.