Бизнисмените бараат поефикасна и побрза администрација
Поефикасна и побрза администрација, избегнување на честото менување на даночната регулатива, двојно намалување на казните, се само дел од барањата што бизнис заедницата денеска ги упати до првите луѓе на Управата за јавни приходи и Царинската управа како институции чие функционирање најмногу влијае врз работењето на компаниите.
Анкетата на Стопанската комора на Македонија направена меѓу компаниите покажува дека 90 проценти од анкетираните побарале намалување на даночните казни, 45 проценти дека е потребна зголемена обученост на даночната администрација, 70 проценти сметаат дека Царината е ефикасна, но бараат попрофесионален однос на цариниците на граничните премини Табановце и Блаце.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески истакна дека најзначајни партнери на компаниите се Царината и Управата за јавни приходи и дека треба меѓу компаниите и овие две институции да се гради партнерски однос.
– Брзината е значајна работа кај бизнисот, а кај администрацијата е спороста во работењето. Она на што треба да работиме во иднина е тие во својата работа да се приближат, рече Азески.
Директорката на УЈП Сања Лукареска рече дека УЈП е отворена институција за даночните обврзници, посочи на сите новини и активности што работат и информира дека се работи на текстот за персоналниот данок на доход кој ќе почне да се применува од 2019 година за воведување на прогресивното оданочување, како и на активности за повратот на ДДВ кај граѓаните.
Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски најави дека голем број од дозволите кои досега биле потребни на компаниите нема да им требаат и дека со цел олеснување на движењето на стоките на граничните премини ќе почне заедничкото царинење со Србија, а се работи и за заедничко царинење со Албанија и со Косово.
Според него, големо олеснување ќе биде и воведувањето на овластен економски оператор на компаниите. Најави дека се подготвува и нов закон за акцизи кој ќе предвидува нов начин на пресметка на акцизите при увозот на енергенсите.
На денешниот појадок Стопанската комора ги додели и наградите на Стопанската комора на Македонија за компании за реализирани инвестиции во 2017 година.