„Бернајс пропаганда“ без апликација добиле пари, Филхармонија вели дека е технички пропуст


Во годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес во делот за музичка и музичко-сценска дејност во табелата на резултати за поднесени апликации од националните установи, доделени се 276.000 денари за концерт на алтернативниот бенд „Бернајс пропаганда“ кој треба да се одржи на 27 април во Македонската филхармонија.

Менаџерот и основач на бендот Васко Атанасоски во изјава за „Независен весник“ вели дека ниту аплицирале, ниту некој ги контактирал за концертот.

– Со претходното раководство на Македонската филхармонија кога директорка беше Маја Чанаќевиќ неколкупати разогваравме за можен концерт, но немаше детали околу тоа. Сега за оваа програма за 2018 година, ниту нè контактирал некој, ниту сме разговарале за датум, за цената за концертот и слично. Ние, како „Бернајс пропаганда“ никогаш не сме добивале државна поддршка за нашите коцнерти. Сите концерти што сме ги направиле во МКЦ, сме се финансирале од влезниците и сме ги организирале сами. Кога сме настапувале на фестивали, за тие средства си се грижел фестивалот – вели Атанасоски.

Директорот на „Македонската филхармонија“, Виктор Илиески за „Независен весник“ вели дека станува збор за техничка грешка, бидејќи тој како нов директор кој функцијата ја презеде во август минатата година заедно со Управниот одбор имаат донесено нова програма за 2018 година.

– Апликацијата каде што е вметнат бендот е поднесена во месец јуни 2017 година е од старото раководство. Јас како директор заедно со Управниот одбор имаме донесено нова програма и истата е доставена до Министерството за култура. Техничкиот пропуст е веројатно направен од администрацијата во министерството, каде што од стара апликација е вметнат настан за 2018 година. На нашата официјална вебстраница може да се погледне дека за тој датум имаме друг настан – вели Илиески.

Предлозите во музичко и музичко – сценска дејност ги разгледуваше Комисија во состав: Васо Ристов – претседател, Маријана Николовска – член и Рами Мустафа – член.

И.Настеска