„Бела ноќ“ вечерва во Скопје
Вечерва од 20 часот започнува културната манифестација „Бела ноќ“. Официјалното отворање ќе биде на скверот „Јадран“ со настап на Градскиот дувачки оркестар. Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е Град Скопје, а организатор е Младинскиот културен центар- Скопје. Од МКЦ велат дека годинава, акцентот е ставен на домашните уметници, со цел да се збогати културната понуда на Скопје и да се покаже дека „Бела ноќ“ не е само вечер во која кафулињата работат со неограничено работно време. Целосната програма е достапна на www.belanok.mk. На повеќе локации ќе има изложби, детски работилници, концерти, театарски претстави, инсталации, кино проекции и поетски читања.
Програмата на „Бела ноќ“ првпат ќе биде збогатена и со меѓународен фестивал на светлосна уметност „Skopje light art district“, што ќе се одржува од вечерва до деветти октомври. На граѓаните ќе им се овозможи уникатно доживување исполнето со светлост и многу бои. Фестивалот е резултат на меѓународната соработка на Град Скопје со градот Лион во рамки на проектот „Хоризонт 2020“.
Отворањето на „Skopje light art district“ ќе се случи пред зградата „Дом Ибни Пајко“, на самиот влез на Старата скопска чаршија. Мотото на фестивалот е „Следи ја патеката“. На фестивалот ќе настапат вкупно 16 артисти со исто толку различни дела. Фестивалот ќе заврши во Музејот на современа уметност во 23 часот со интерактивен аудио визуелен перформанс.
За време на „Бела ноќ“, бесплатно ќе биде возењето во автобусите на ЈСП „Скопје“, кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.