Барањето за 5 отсто ДДВ за ветеринарни лекови и услуги уште се разгледува
Уште нема одговор на барањето од Ветеринарната комора за намалување на данокот на ветеринарните лекови и услуги. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов вели дека иницијативата уште е актуелна и дека во моментов се прават проценки.
„Проценките ќе бидат доставени до Комитетот за безбедност на храна во Министерството за земјоделство. Комитетот одлучува дали предлогот ќе оди на Влада“, изјави Атанасов.
Ветеринарните лекари пред неколку месеци го повторија барањето да се намали данокот на додадена вредност (ДДВ) за ветеринарните услуги и ветеринарно-медицинските препарати (лековите) од 18 на пет отсто. Тие побараа ветеринарната дејност да се изедначи со здравствената и со земјоделската дејност.
Претседателот на Ветеринарната комора Томислав Николовски тогаш изјави дека имаат студија која покажала дека намалувањето на данокот ќе придонесе за поквалитетни ветеринарни услуги, со што ќе се подобро и здравствената слика на сточарското производство а со тоа и врз јавното здравје. Притоа, пониската даночна стапка нема значајно да влијае врз намалувањето на приходите по овој основ.
Во прилог на барањето, ветеринарите аргументираа дека понискиот данок ќе го намали интересот за внесување во земјава на нерегистрирани лекови а вакво решение имаат повеќе европски земји, каде ветеринарниот сектор даночно е изедначен со здравствениот.