Астронаутот Баз Олдрин си ги тужи децата зашто му краделе пари
САД– Американскиот астронаут Баз Олдрин тужи две од неговите три деца и неговата поранешна бизнис менаџерка, тврдејќи дека краделе пари од него и се обиделе да го оцрнат неговиот лик и дело.
Тужбата беше поднесена во суд во Флорида, една недела откако неговите деца поднесоа барање да ја преземат контролата врз неговите финансии.
Членови на неговото семејство пред судијата рекоа дека на Олдрин му треба законски старател бидејќи „е умствено ослабнат“.
88-годишниот легендарен астронаут е вториот човек кој стапнал на Месечината, по Нил Армстронг.
Во интервју за „Волстрит журнал“ минатата недела, Олдрин рече: „Никој нема ни да се осмели да помисли дека ми треба старател.“
Во неговата тужба, поранешниот астронаут тврди дека помладиот син, ќерката и поранешната менџерка Кристина Корп исто така ги поткопувале неговите „лични љубовни врски“ и му забраниле да се ожени.
Спорно е и управувањето со неговата приватна компанија „Buzz Aldrin Enterprises“ и неговата непрофитна организација ShareSpace Foundation.
Ендру Олдрин (60) и Џенис Олдрин (51) тврдат дека татко им почнал да се дружи со нови пријатели кои го оддалечуваат од семејството. Тие исто така велат дека почнал да троши пари со „аларамантна брзина“.
Во тужбата на Баз Олдрин стои дека обвинетите незаконски презеле контрола врз неговите финансии, како и „вселенските артефакти“ и „вселенските сувенири“ што вредат милиони долари
Тој додава дека тие го направиле тоа за „лично задоволство и збогатување“.
Во тужбата исто така стои дека децата го клеветат со години дека боледува од деменција и Алцхајмерова болест. Најстариот син на Одрин не е вмешан во тужбата.
Баз Олдрин беше дел од екипажот на Аполо 11 што во 1969 стана првата мисија што успешно слета со човечки екипаж на Месечината.